Американците на Ким Јонг Ун му се заканија со војна: Ако треба, ќе употребиме и воена сила!

Пишува: Точка

После лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета на Северна Кореја, тензиите на Корејскиот полуостров повторно се на раб на опасна ескалација.

Соединетите Американски Држави се подготвени да ги употребат сите можности кои што им се на располагање, вклучувајќи и употреба на воена сила, со цел да го сопрат ваквото однесување на Северна Кореја.

Ова го порачала доцна синоќа американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли која што се обрати на вондредната седница на Советот за безбедност која што беше свикана после најновото тестирање на интерконтинентална балистичка ракета од страна на Северна Кореја.

Амбасадорката Хејли оценила дека Северна Кореја претставува закана за сите држави во регионот, но и надвор од него и истакна дека нејзините акции со голема брзина ги затвораат сите можности за дипломатско решение на овој проблем.



„Соединетите Американски Држави се подготвени да го употребат целиот свој арсенал на можности за да се заштитат себеси и своите сојузници, а еден од нашите инструменти е значајната воена моќ која ќе ја употребиме ако има потреба од тоа“, изјавила Ники Хејли, пренесува руската новинска агенција „Спутник“.

Хејли порачала дека САД се подготвуваат во блиска иднина да поднесат резолуција за Северна Кореја до Советот за безбедност при Обединетите нации. Американската амбасадорка јасно нагласила дека Вашингтон има намера да воведе нови санкции и тоа не само за Северна Кореја, туку и за сите други држави кои што соработуваат со Пјонгјанг.

„За да ја оттргнеме Северна Кореја од патот на воена ескалација, треба да сториме повеќе. Нема да гледаме само кон Северна Кореја, туку исто така ќе гледаме и кон секоја друга држава која ќе соработува со тој одметнат режим“, порача Ники Хејли.



За претставникот на Франција во Советот за безбедност при Обединетите нации, Франсоа Делатро, одговор на последните ракетни тестирања на Северна Кореја мора да биде изготвување на нова резолуција на Советот за безбедност со која ќе бидат заострени санкциите кон Пјонгјанг.

Тој изрази надеж дека и останатите земји членки на Советот за безбедност при Обединетите нации ќе дадат силен одговор, односно ќе возвратат на ваквото однесување на Северна Кореја.

No comments

Powered by Blogger.