Два часа интензивни разговори на Трамп и Путин: Договорено било примирје во Сирија, а се разговарало и за наводната руска вмешаност во изборите во САД

Пишува: Точка

Американскиот и рускиот претседател вчера на маргините на Г20 самитот во Хамбург разговарале за ситуациите во Сирија, Украина, како и за борбата против тероризмот и сајбер криминалот.

На маргините на Г20 самитот во Хамбург, вчера се сретнаа претседателите на САД и Русија - станува збор за прв разговор во четири очи меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин откако Трамп стана претседател на САД. Состанокот траел повеќе од два часа, односно повеќе од првично планираниот половина час разговор.

Како што пренесува новинската агенција „ТАСС“, повикувајќи се на изјавите на рускиот претседател, двајцата лидери разговарале за многу прашања, меѓутоа централна тема на разговорите биле Сирија, Украина, тероризмот и сајбер криминалот.

Наводно бил постигнат и договор за примирје во Сирија, а Трамп го отворил и прашањето околу наводната вмешаност на Русија во претседателските избори во САД во 2016-та година. Американски високи функционери откриле дека бил постигнат договор за примирје во југозападна Сирија и договорот претставувал ново ниво на вклученоста на САД во обидите да се стави крај на граѓанската војна во Сирија.



Иако детали од договорот, како и начинот на кој што истиот ќе биде спроведен засега не се познати, примирјето се шпекулира дека би требало да стапи на сила во недела напладне по сириско време.

Израел и Јордан исто така биле дел од договорот. Двете земји се сојузници на САД и се граничат со јужниот дел на Сирија, па сосема е разбирлива нивната загриженост насилството од Сирија да не се префрли и преку границата.

Како што пренесува „СиЕнЕн“, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјавил дека Трамп го притиснал Путин во врска со вмешаноста во американските претседателски избори, а двајцата лидери воделе долга дискусија за тоа прашање. Путин ги отфрлил тврдењата дека Русија на било каков начин била вмешана во претседателските избори кои што минатата година се одржаа во САД.



Пред почетокот на состанокот, Трамп на Путин му се обратил со зборовите: „Чест ми е да бидам со вас“, а Путин на тоа му одговорил: „Воодушевен сум што се сретнав со вас. Се надевам дека нашиот состанок ќе донесе резултати“.

Британската новинска агенција „Ројтерс“ пренесува дека шефот на Белата куќа открил дека со Путин „разговарале за многу работи“ и дека „мисли дека се ќе биде добро“, како и тоа дека „со радост очекува многу позитивни работи кои што треба да се случат меѓу САД и Русија“.

No comments

Powered by Blogger.