Војната во оваа европска земја се уште гори: Луѓето се без електрична енергија, вода и гас додека над глава им прелетуваат куршуми

ПИШУВА: ТОЧКА

Ви носиме приказна од првите редови на бојното поле, каде луѓето живеат без основните услови за живот додека над нивните глави прелетуваат куршуми и авиони. Не, ова не е приказна за Сирија, туку за војна на европското тло. Многумина заборавија на воениот фронт во источниот дел на Украина за кој се помалку се зборува, но се уште е многу активен.

На самото бојно поле, каде што се уште се стрела и убива, беше репортерот Зоран Мариновиќ, а потоа преминал на другата страна - проруската. За ова пешки би му било потребно половина час, но тој морал да помине 150 километри возејќи се целиот ден за да ја донесе приказната за пеколот во кој, како и секогаш, најтешко поминуваат оние кои само сакаат да живеат и преживеат. 

"Три години немаме вода, струја ни гас. Електричната енергија ни ја прекинаа една недела по отпочнувањето на војната. Два часа после тоа снема и вода, а по една недела и гас. Како живееме? Еве, вака... Овде ја подготвувам храната, а навечер спијам во подрум бидејќи ми е страв да бидам во станот" - изјавила една жена, жител на градот Донецк.
"Зошто не разделија? Ние сме едно семејство. И сега што? Не знаеме кој е крив за ова. Ќе морате да ги прашате оние кои се на повисоки позиции. Ние сме обичен народ кој само живее овде. Не гранатираат, но некако се уште сме живи."

Две жени и две многу слични судбини. Секоја на својата страна од границата која до неодамна не постоеше - не поради тоа што самите избрале така, туку поради околностите кои ги снашле.

Разделени семејства

Недалеку од нивните домови владее ужасен пекол. Некогаш една земја, еден народ - Украина денес е разорана, фрагментирана, а животите на Украинците се уништени, семејствата разделени...

Украинската војска по секоја цена се обидува да ја задржи својата позиција, а војната која тлееше повторно се разгоре. Политиката и интересите од луѓето направија непријатели. Ги принудија едни на други да гледаат преку нишан на пушка. Околу десетици илјади луѓе кои живеат тука, всушност се на самата линија на военото поле.

Авдивка е град во провинцијата Донецк и е под контрола на украинската власт. Четири километри кон исток е местото Спартак во близина на градот Донецк, поточно отцепен град од проруската Народна република Донецк. 

За да стигнат од украинската до проруската страна на военото поле, на екипите од Провјереног пешки би им бил потребен само половина час, но поради моменталната ситуација на нив им е потребен цел ден возење со автомобил. По неколку контролни точки и 150 поминати километри, за време на војна и пустошење - има еден сосема поинаков свет - мала оаза со која Александар од местото Спартак и' пркоси на реалноста. Тој одгледува гулаби бидејќи животот со овие птици го потсетува на мир - нешто кое одамна го има заборавено. 

"Никогаш во својот живот не сум помислил дека брат може да пука врз брат. Тоа не сум можел ниту да го замислам." - објаснува. 

Сопругата на Александар живее во градот Донецк, а тој сега живее во селото Спартак. На самото бојно поле. Тој вели дека неговата сопруга не можела повеќе да ја издржи неизвесноста од војната - пукањето кое последните четири години станало дел од нивниот секојдневен живот. 

"Никој на почетокот не мислеше дека ќе биде волку сериозно. Мислевме дека само малку ќе не заплашат и толку. Хеликоптери и авиони не надлетуваат секој ден. Искрено, мислевме дека ова за брзо ќе заврши. Сите така се надевавме."

Од другата страна истата приказна

Во Авдивка - некои други војници, некоја друга вистина. Но истите мизерни, несреќни, тажни лица.

"Никогаш не сум се преселувала. Многу се исплашив кога бомбите започнаа да паѓаат. Се' се тресеше" - вели Валентина од предградието на градот Авдивка.



Недалеку од Валентина се наоѓа куќата на Адам - подобро кажано, остатоците од некогашниот дом на Адам кој му бил срушен во 2015-та година. 

"Успеав да ги спасам мајка ми и сестра ми, во 2014-та година се' беше престрашно. Гледавме директно во ракети, гранати кои летаа наоколу. Сега фрлаат проектили и во куќите! Не убиваат, буквално не убиват! Престрашно е! Ние овде веќе не може да се каже дека живееме, само преживуваме."

Во близината на Авдивка има и кампови на армијата. Во нив го среќаваме Антон, војникот кој учествувал на протестите на Мајдан во Киев и потоа донел одлука. 

"Мајдан ми го промени животот. После тоа јас не можев да се замислам себе си надвор од битката. Знаев дека нешто ќе се случи. Мислев дека ќе има војна само на Крим, но тоа сега е смешно. Кога Крим беше окупиран без борба, знаев дека ќе продолжи војната." - истакнува тој.

Од другата страна на линијата на бојното поле, таа проруската, разговаравме со еден од првите луѓе од провинцијата Донбас.


"Пред се', ние граѓаните на Донбас сакаме мир. Тоа е најважно. И второ, сакаме владата да ги слушне овие луѓе кои живеат тука. Ние живееме на земја, сакаме да работиме на неа, не ги сакаме облакодерите и животот како во Киев. Затоа постојат две задачи - на прво место е мирот. И оној збор кој на Западот многу го сакаат - демократија" - изјави потпаролот на армијата на Националната република Донецк - Едуард Александровиќ Басурин. 

Поради политиката и личните интереси најмногу страдаат луѓето

И додека на оние кои војуваат им се чини дека е јасно што е лошо, кој е виновен, кој невин, оние кои се во своите домови на самото бојно поле за време на војна - малку од тоа им е јасно. 

"Не знам, не можам да ви кажам. Немам идеја. Некој сака да биде моќен од едната страна, друг, од другата страна. Не бранам никого. Исти се и едните и другите", изјавува еден од жителите. 

Дали е иста целта? Ова е под знак прашалник. Но едно е сигурно: Истите проблеми ги имаат луѓето кои живеат од двете страни на војната.
"Да, страв ми е. Морам да ја израснам мојата внука. Таа живее со мене. Многу се исплаши кога ме ранија. Само сакам сето ова побрзо да заврши. Луѓето се на работ на своите нерви. Во Спартак останавме само 85 жители. И сите сме на раб да попуштиме", изјави Валентина.

Поминаа четири години од почетокот на војната. Украинската криза и војната се приказна која е тешко да се објасни во неколку реченици. Како конфликтите помеѓу истокот и Западот да се судрат во една земја. 

И покрај повиците за мир, конференциите, меѓународните договори и преговори - војната во источниот дел на Европа се уште е во тек.

Пред се', ова е игралиште на големите сили, Русија и НАТО сојузот, а Украинците во сето ова се чини дека најмногу страдаат, а се најневажни.

No comments

Powered by Blogger.