ИНТЕРВЈУ СО ЗАТВОРЕНИЧКА: „Идризово“ е дувло на најголемиот црн бизнис и криминал!

ПИШУВА ФОКУС

Јасмина Радончич веќе петта година издржува казна затвор во женското одделение во најголемиот затвор во земјава „Идризово“. Слободата ја вкусува единствено кога ќе излезе на законски дозволен викенд, и тогаш ја има можност повторно да биде со своите најблиски. Пред повторно да се врати зад решетки, Радончич за „Фокус“ ја отсликува атмосферата од женскиот затвор.

Разговараше: Валентина Вурмо

ФОКУС: Во моментот издржувате казна затвор, но сепак решивте да проговорите за сето она што се случува зад решетките. Што ве натера на овој храбар потег, бидејќи се изложувате на голем ризик?

РАДОНЧИЧ: Начинот на живот внатре, тагата, маката на секоја една жена што е тука, и неправилностите во нивните пресуди, и начинот на кој што се третирани овде, немањето сила и капацитет да проговорат за тоа, ете тоа ме натера да проговорам, и свесна сум дека ќе имам последици. Знам, но после се, веќе последиците не се и некој фактор.

ФОКУС: Колку време сте во затворот и за што сте осудена?

РАДОНЧИЧ: Во затвор сум четири години, петтата ја терам веќе, а осудена сум по налог на инспектор во Свети Николе и една полицајка. Делото ми е дрога и подведување на малолетници, но јас сум судена без никаков матријален доказ, без никаков сведок, а сепак веќе петта година сум овде.

ФОКУС: Дали претходно бевте во притвор? Доколку сте биле дали можете да направите споредба на условите. Каде се почовечки, ако воопшто може така да се каже?

РАДОНЧИЧ: Бев во притвор во Гевгелија. Разликата од таму и тука во „Идризово“ е неспоредлива. Во притвор условите се далеку полоши и нечовечки.

ФОКУС: Опишете ни во каква ќелија се наоѓате и колку вкупно осуденички престојувате внатре?

РАДОНЧИЧ: Сега се наоѓам во пристојна ќелија, со уште две жени. Бројот на затворенички е видно намален, бидејќи голем дел од нив ги издржаа казните.

ФОКУС: Покрај лошите услови осудениците често се жалат и на здравствената заштита. Дали во женското одделение има лекар и дали до него имате пристап секогаш кога имате потреба?

РАДОНЧИЧ: Околу здравствената заштита навистина имаме проблем, бидејќи се двајца доктори, поради што е невозможно да постигнат и во машкото одделение и тука,. Исто така морам да истакнам и дека односот им е катастрофален. Што би се рекло, за некого се мајка, а за некого маќеа. Токму поради лошата и ненавремена здравствена заштита има толку многу смртни случаи, но досега никој не понел одговорност.

ФОКУС: Неодамна во затворот почина осуденичка. Дали доби навремена лекарска помош?

РАДОНЧИЧ: Овде се уште никој не знае од што почина Шуткие. Сите бевме очевидци дека неколку пати ја носеа на клиника, но од таму беше враќана назад. Неколку пати доаѓаше и Брза Помош, но повторно не беше задржана на лекување. Затоа за овој случај мислам дека грешката е во негрижата на лекарите во Клиниката.

ФОКУС: Нејзиното семејство обвини дека била тепана. Дали во затворот има физичко насилство?

РАДОНЧИЧ: Велат дека имало некаков инцидент, но јас не сум била очевидец, за да потврдам. Физичко насилство постои, и тоа многу повеќе отколку порано. Постои секаков вид на малтретирање, а најмногу е психичкото. Хомофобијата и дискриминацијата се развиени до максимум, но морам да напоменам дека тоа не го прават сите службени лица, туку одредени.

ФОКУС: Во машкото одделени затворениците велат дека буквално се може да се купи со пари. Дали и тука ситуацијата е иста?

РАДОНЧИЧ: Да, вистина е дека тука се може да се купи со пари.

ФОКУС: Кој се е вмешан во корупцијата?

РАДОНЧИЧ: Во корупцијата се вмешани речиси сите вработени. Има исклучоци, односно само неколкумина останаа човечни, и чесно и професионално си ја вршат работата.

ФОКУС: Дали сите затворенички имаат ист третман? Дали и внатре во најлоша ситуација се оние кои таму завршиле поради политички или друг вид на реваншизам од страна на власта?

РАДОНЧИЧ: Во однос на затворските услови, речиси сите имаа ист третман, бидејки и отворениот и затворениот дел се со исти услови. Имаше луѓе кои тука беа поради политички реваншизам, но сега се надвор, па затоа не ми е јасно зошто молчат и не зборуваат за она што го преживеале, или уште му се плашат на режимот. Имаше и такви кои што им плаќаа на џелатите, односно на оние што ги донесоа тука, за да имаат мир. Претходната власт, зад решетки ги пикнаа сите што им пречеа. Но, морам да кажам дека во „Идризово“ не се сите жртви, има криминалци, но проблемот е што сите се на куп. Овде жените што лежат за убиство се со поголеми бенифиции. Нив претседателот ги помилува, и тука добиваат посебни третмани. Осуденичка што лежеше за убиство на мажот и беше тука само три години и ја пуштија.

ФОКУС: Дали треба да се потплати за да се оди на викенд?

РАДОНЧИЧ: Така велат сите што одат и се враќаат дека дале на овој или оној. Јас лично не сум плаќала, за мене биле коректни и навреме бев пуштана, можеби затоа што знаат дека не се плашам и веднаш ќе проговорам јавно.

ФОКУС: Внатре сте пет години, па претпоставувам дека сте виделе се и сешто. Сте биле сведок на смрни случаи, спонтани абортуси, пораѓања… Дали потоа некој ви понудил стручна помош, бидејќи не е лесно да се види како пред очи згаснува нечиј живот?

РАДОНЧИЧ: Тука никој не ни понудил никаква помош. Ние секогаш сме третирани како граѓани од втор ред, а она што сме го виделе и доживеале не се опшува со зборови.

ФОКУС: Дали во затворот воопшто има ресоцијализација?

РАДОНЧИЧ: Ресоцијализацијата е програма која што се практикува со стручни лица во сите затвори во светот, но такво нешто тука не постои. Овде не се знае ни кој јаде, ни кој плаќа. Смешно е да се спомене ресоцијализација, бидејќи овде има се, само тоа не. Тука е дувло на најголемиот црн бизнис и криминал, овде нема никаков напредок. Овде сме како некој експеримент, како глувци, за да видат кој колку може да издржи.

ФОКУС: Неколкумина граѓански активисти се залагаат за амнестија. Дали тоа го барате вие?

РАДОНЧИЧ: Амнестија, па незнам колку пати се дигнавме и побаравме амнестија. И вие како медиум знаете дека штрајкуваме и со глад 14 дена, но никој не дојде да разговара со нас. Најдовме и правни застапници. Кај адвокатот Звонко Давидовиќ, ги доставивме потписите, околу 2.000, со кои баравме од претседателот Ѓорге Иванов, во моментот кога тој го аболицираше првиот ешалон на Груевски, да не амнестира, но не наидовме на разбирање. Сега ова власт мислам дека ќе ја прифати иницијативата. Како и да е, со години немаат дадено амнестија, па време е после ваков режим и корумпирано судство да има, па тука сите чекаме.

ФОКУС: Зарем не стравувате дека после ова интервју некој ќе се обиде да ви наштети, бидејќи зад решетки сте беспомошни?

РАДОНЧИЧ: Стравувам нормално, но некако се навикнав на сето тоа, и сепак мислам дека никој не би се дрзнал да ме малтретира бидејќи знаат дека ја зборувам вистината. Знаат дека мора еден ден да се проговори за овој хорор овде. За храната, за условите, за тоа како спроведување на ресоцијализацијата системски е уништено. Да нас судот не осудил, но тоа не значи дека не треба да се работи со нас. Дури 40 проценти се повратници, 10-15 години работат со исти осуденици, „ресоцијализираат“ исти луѓе, но нема резултати штом пак завршуваат зад решетки. Се надевам дека конечно некој ќе понесе одговорност за се што се случува овде. Кога можеме ние да лежиме за џабе, ќе лежат и тие кои што со години прават криминал. Се надевам дека ова ќе допре до релевантни институции, кои што се занимаваат со оваа проблематика и ќе имаат слух за ова ранлива категорија на луѓе. Не мислам само на жените осуденички, туку и за мажите, бидејќи во континуитет има смртни случаи од предозираност.

ФОКУС: Дали и покрај многуте години зад решетки, очекувате конечно да ја добиете правдата?

РАДОНЧИЧ: Нека престане веќе со оваа дискриминација, хомофобија и фрустрациите на службените лица. Нека се свеста дека животот за нас не завршува во „Идризово“ и дека ние кои што бевме наместени од некој од олигарсите потрчковци на ВМРО-ДПМНЕ, еден ден повторно ќе бидеме слободни. Сакам да му укажам на судијата дека тоа што ме осуди нема да ми го запре здивот и дека ќе дојде ден кога ќе мора да каже кој го нарача моето судење. Исто сакам да и кажам и на обвинителката која што заедно со инспекторот местеше изјави, без никаков материјален доказ, дека луѓе овде за тони марихуана лежат две години, а истите мене ме осудија на девет. Се знае што следува. И тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе сносат одговорност за слободата што ми ја одземаа и срамот што му го нанесоа на целото мое семејство.

No comments

Powered by Blogger.