Срамот на Јапонија: Објавени се видео снимки од корејските сексуални робинки кои што им служеле на јапонските војници

Пишува: Точка
После многу години, конечно светлото на денот го здогледа првата снимка на која се гледаат Корејките кои што им биле сексуални робинки на јапонските војници за време на Втората светска војна.

Црно-белата снимка направена во 1944-та година покажува седум босоноги жени пред една куќа за која што се тврди дека била бордел под воена управа на окупираната Кина, кој пред крајот на војната бил ослободен од сојузничките војници.

Една жена во валкана облека разговара со кинески офицер, додека другите нервозно гледаат во подот, а една, како што пренесува „Дејли Мејл“, може да се каже дека е бремена.

Досега, единствените историски податоци за овие жени кои што јапонските војници ги нарекувале „жени за утеха“ биле неколку фотографии и сведочењата на преживеаните. Но, после двегодишното интензивно пребарување низ американските архиви, историчарите ги пронашле снимките кои што ги прикажуваат сексуалните робинки во Сонгсан, откако американско-кинеските сојузнички сили ја ослободиле областа од јапонскиот окупатор.


Тим од Универзитетот во Сеул и експерти на јужнокорејската влада ги споредувале жените од снимките со досега познатите фотографии.

„Нивниот изглед, како и голите стапала, упатуваат на тоа дека овие жени биле поробени“, вели професорот Канг Сун-Хјун.

„Поради долготрајниот спор со Јапонија во врска со сексуалното ропство, клучно беше да се пронајдат докази. Оваа видео снимка ќе ги зајакне доказите за постоењето на таквиот вид на ропство за време на Втората светска војна“, додаде тој.

Професорот Канг откри дека видео снимката била пронајдена во американскиот Национален архив каде што собирала прашина околу 70 години. На снимката можат да се видат сексуалните робинки кои што биле ослободени од сојузничките војници во септември 1944-та година.

No comments

Powered by Blogger.