500 километри подолг лет: Авионот на Путин морал да ги избегне Полска и Балтичките земји

Пишува: Точка

Авионот на рускиот претседател Владимир Путин на летот кон Хамбург летал 500 километри подолго за да не помине низ воздушниот простор на Полска и Балтичките земји.

Според интернет страницата FlightRadar24, авионот на Владимир Путин на летот од Москва кон Хамбург, морал да скршне од директната линија која што требало да биде преку Белорусија и Полска.

Наместо тоа, авионот летал преку Балтичкото море, заобиколувајќи ги и Балтичките земји, пред да влезе во воздушниот простор најпрвин на Данска, а потоа и на Германија.

Путин преку источните земји членки на НАТО претходно летал неколку пати. Поради тоа, не е јасно зошто овој пат неговиот претседателски авион летал на подолгата рута преку која исто така се гледа дека е избегнат воздушниот простор на Балтичките земји, поранешни Советски републики кои што исто како и Полска, денес се земји членки на НАТО Алијансата.

Полска, Литванија, Естонија и Летонија се посебно критични кон Москва откако Русите во 2014-та година извршија агресија на Украина и го зазедоа украинскиот полуостров Крим.

Токму во овој регион на Европа моментално е најнапната атмосферата, сосема очекувано, затоа што Балтичките земји и Полска стравуваат да не им се случи истото што им се случи на Украинците, па затоа, на големо незадоволство на Москва, НАТО распореди свои војници и воена опрема во своите источно-европски членки.

No comments

Powered by Blogger.