На Груевски му се заканува максимална затворска казна од 22 години, како обвинет во четири случаи


ПИШУВА: ФОКУС

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е обвинет во четири случаи на Специјалното јавно обвинителство, „Титаник“ за изборните измами, „ТНТ“ за рушење на објектот на Фијат Цановски, Космос, „Траекторија“ за изградбата на автопатите и „Тенк“ за набавката на мерцедесот од 580.000 евра.

Доколку се соберат предвидените затворски казни за делата за кои се гони, тогаш може да се каже дека на Груевски му се заканува максимална затворска казна од 22 години. Сепак ова е само статистичка претпоставка, односно збир на максималните казни кои му запретуваат, бидејќи доколку биде осуден, може да добие и многу помали затворски казни.

Во случајот „Титаник“, Груевски е обвинет за три кривични дела. За кривичното дело „злосторничко здружување“ му се заканува затворска казна од една до пет години. За „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“ е пропишана затворска казна од најмалку пет години, а за „повреда на избирачкото право“ е предвидена затворска казна од најмалку три години.

Во случајот „ТНТ“, Груевски е обвинет за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е предвидена затворска казна од најмалку три години.

Освен овие обвинителни акти, против поранешниот премиер Груевски се поднесени и два обвинителни предлога и тоа за случаите „Траекторија“ и „Тенк“.

Во случаите „Тенк“ и „Траекторија“ тој се гони за исто дело и тоа „примање награда за противзаконито влијание “, за што е предвидена затворска казна од една до три години.

Разликата меѓу обвинителен акт и обвинителен предлог е тоа што, првите одат на оцена во Кривичниот суд, односно кривичен совет одлучува дали ќе го прифати обвинението во целост, ќе го отфрли или ќе го врати на доработка, а обвинителниот предлог оди по скратена постапка, односно не се испраќа на оцена, туку веднаш влегува во судница.

Во обвинителните акти се опфатени кривични дела кои предвидуваат повисоки затворски казни, а во обвинителните предлога помали казни.

В.В.

No comments

Powered by Blogger.