Гонзалес: Направив една грешка во самиот финиш, но за среќа сè излезе добро на крај

 Пишува: Точка

Еуфоријата во Македонија сигурно нема да спласне уште неколку дена откако Вардар вчера ја освои својата прва европска титула во клупската историја, учинок за кој заслуга имаат сите играчи на македонскиот ракометен шампион, а посебно тренерот Раул Гонзалес кој беше брилијантен при осмислувањето на завршната акција за победа.

Шпанскиот стручњак не го криеше задоволството по крајот на финалето и посочи дека е горд на своите ракометари, но исто така немаше никаков проблем да признае дека направил голема грешка во последните секунди од мечот, бидејќи со повиканиот тајм-аут му го скрати голот на Канељас кој ја погоди празната мрежа на противникот.
– Цела Македонија треба да биде горда на сите нас, онака како што јас сум горд на своите играчи. Не треба да се заборави дека ПСЖ имаше три часа повеќе за одмор, но ние бевме одлични од почетокот до самиот крај. Против Барселона бевме нервозни во првите 15 минути, но потоа игравме одлично. Овојпат бевме супер уште од стартот, а дури во финишот се почувствува заморот. Цело време верував во победата, дури и кога направив грешка кога побарав тајм-аут на крајот. Канељас имаше шанса да шутира на празен гол, но не го видов тоа. На крајот, за среќа излезе добро по нас, – потенцира Раул.

No comments

Powered by Blogger.