По грешка купила ќеса, не знаејќи дека вреди четири милиони долари

Пишува: Точка

Примерокот од земјата на Месечината кој бил донесен од страна на Нил Армстронг и Едвин Алдрин, првите луѓе кои оделе по површината на Месечината во 1969. година, по грешка е продаден на аукција за 995 долари.

Среќната адвокатка Ненси Карлсон од Чикаго ја купила ќесата, која сега се продава на аукција за проценети четири милиони долари. Станува збор за мала ќеса која пристигнала на Земјата со Аполо 11, а аукцијата на која ќе се лицитира за истата ќе биде одржана на 20. јуни.

Ќесичката со натпис “Примерок од Месечината” по долго талкање, кое го вклучува и обидот на НАСА за нејзино враќање, завршила во аукциската куќа “Sotheby's”.

По успешното слетување на Аполо на Земјата, ќесата се помешала со другите неупотребливи предмети.



Во еден момент, таа била запленета од американското правосудство и по грешка е продадена на аукција на г-ѓата Карлсон, која го пратила примерокот во НАСА на анализа за да утврди за што се работи. Поседувањето на таков материјал е забрането, но НАСА ја изгубила правната битка и морале да го вратат примерокот кај својот сопственик.

Експертите од аукциската куќа ја проценуваат вредноста на материјалот помеѓу два и четири милиони долари, но додаваат дека неговата вредност е, сепак, непроценлива бидејќи тоа е првиот примерок од месечевото тло.

Ненси изјавила дека дел од добиените пари ќе ги донира во добротворни цели, а со останатиот дел ќе формира фонд за стипендии на универзитетот во Мичиген (Northern Michigan University).

No comments

Powered by Blogger.