"Се разбудив, а едната нога во текот на ноќта ми изгнила"

Пишува: Точка

Смртоносната бактерија за малку ќе ѝ го земела животот, а во процесот на лекување ги изгубила рацете, една нога и стапалата...

Некогаш имала големи планови. Мислела дека сѐ се движи во вистинскиот правец. Тоа лето, 2012-та година ги положила завршните испити пред да магистрира психологија, била среќно заљубена во врска и работела како келнерка за да си заработи џепарлак.



Кога Ејми Копленд завршила со работа на 1-ви мај, отишла на гости кај колешка од работа со цел да се опуштат по напорниот ден. Се радувале дека ќе пливаат во блискиот поток кадешто откриле и стара жица за нишање. На почеток се било супер, но одеднаш жицата пукнала а Ејми паднала врз остри карпи и завршила во болница со повеќе од 20 конци. Тогаш сѐ тргнало во лош правец.

Неколку дена по повредата сфатила дека нешто не е во ред. И покрај редовната употреба на антибиотици, ногата не реагирала. На Ејми ѝ се чинело дека болката ѝ се шири и на други делови од телото, а тоа немало никаква смисла. "Едно утро се разбудив и видов дека целата нога ми изгледа како да гние. Не можев да зборувам и се чувствував како да умирам. На следните неколку дена не можам да се сетам најдобро", раскажува Ејми во искрената исповед за Time.



Набрзо повторно била префрлена во болница кадешто ѝ дијагностицирале некротизирачки фасциитис - болест позната и како месојадна бактерија. Станува збор за бактерија која буквално го јаде живото ткиво. Антибиотиците не дејствувале и лекарите биле свесни дека мораат веднаш да реагираат или бактеријата ќе ја убие Ејми.

Во болницата лекарите побарале дозвола од нејзините родители да ѝ ја ампутираат левата нога и дел од стомакот со цел да го спречат ширењето на бактеријата.

"Не се сеќавам на првичните операции бидејќи бев на апарати и најчесто онесвестена. Родителите подоцна ми раскажаа дека секогаш кога ќе сум се освестела сум ги прашувала каде сум и зошто сум таму, а секогаш кога ќе ми објаснеле што ми се случило сум реагирала како првпат да слушам за својата болест", се присеќава Ејми.

Првата конкретна меморија ѝ е од неколку дена по ампутацијата на ногата. Татко ѝ бил покрај нејзиниот кревет и нежно ѝ ги подигнал рацете за да може да си ги види. Биле темно виолетови и целосно непрепознатливи. "Ејми овие раце не се здрави. Ти го отежнуваат закрепнувањето и лекарите сакаат да ти ги ампутираат, а исто и стапалото за да ги обезбедат најдобрите шанси за да преживееш", ѝ објаснил татко ѝ. Во тој момент размислувала само да прживее и се согласила. За време на операциите била на таблети против болки и поради тоа сѐ ѝ е во магла.



"Дури неколку недели по операцијата кога започнав со физиотерапијата почнав и да плачам за загубата на екстремитетите. Додека ме учеа како да јадам, како да си ги мијам забите и како да се облекувам без раце сфатив колку ќе влијае ова врз мојот понатамошен живот. Одлучив дека ќе одам напред. Благодарение на поддршката на сите околу мене бев во можност да ја надминам болката", раскажува Ејми.



Признава дека нејзината приказна за преживување се стекнала со големо медиумско внимание, но дека не е секогаш среќна како што понекогаш изгледа. Откако престанала да ги прима апчињата против болки доживеала вистински симптоми на повлекување. Ја прекинала врската со дотогашното момче и вели дека постојано плачела. Траумите, како физички така и психички, не ја спречиле во својата работа. Го завршила своето образование и сега работи како психотерапевт. Нејзината цел е да изгради парк кој ќе биде целосно достапен за лица со инвалидитет. "Се разбира, не е сѐ така лесно. Сѐ уште редовно посетувам психијатар и не беше воопшто лесно да излегувам со момчиња. Сепак, запознав едно многу посебно момче и сега сме веќе две години заедно. Луѓето сакаат да ме сожалуваат но јас имам одличен живот. Целата таа болка ме научи да бидам благодарна бидејќи созреав како личност. Толку многу изгубив што веќе немам од што да се плашам", ја завршува својата исповед Ејми Копленд.

No comments

Powered by Blogger.