Што остана по прославата на роденденот на Прокредит Банка?

По прославувањето една година постоење од филијалата на Прокредит Банка во Карпош, околу Скејт паркот, детското и тениското игралиште на кеј денес можат да се забележат остатоци од пиротехнички средства кои се расфрлани на сите страни. Ниту служби на банката, ниту јавните служби за хигиена до овој момент го немаат расчистено теренот.



Според одлуката донесена од Владата за утврдување во кои случаи и под кои услови се смета дека е нарушен мирот на граѓаните од штетна бучава граничните, индикаторите кои се над 70 децибели се сместени во четвртиот и највисок степен на граничните вредности.

„Оптеретувањето на подрачјето со бучава поради одржување на јавни приредби, јавни собири или други јавни настани проследени со употреба на звучни и други уреди кои доведуваат до зголемување на бучавата се утврдува со пресметување на еквивалентното ниво на бучавата. Тоа не треба да надминува 85 децибели без оглед на времетраењето, а максималното ниво на бучава не треба да надминува 110 децибели“, пишува во Одлуката донесена од Владата.

Огнометот на Прокредит Банка кој вчера одекна во Карпош, во близина на Сити мол, се слушаше низ цело Скопје. Според фотографијата само едно од пиротехничките средства произведува звук од 111 децибели на растојание од 40 метри. Вчера, овие направи беа поставени на површина од околу 400 метри квадратни. Во разговор со менаџментот на банката, тие велат дека добиле дозволи од сите надлежни органи, не прецизирајќи кои се тие.

Во текот на вчерашниот ден, група граѓани загрижени за загадувањето на околината, нивните миленичиња и деца побараа да се намали габаритот на огнометот, но не беа удостоени и примени кај менаџментот на банката.

No comments

Powered by Blogger.