Целото негово семејство знаело за нападот: Уапсени се браќата на бомбашот од Манчестер

Пишува: Точка

Хашим Абеди, помладиот брат на бомбашот самоубиец од Манчестер, уапсен е во Триполи - Либија, а британските власти трагаат по неговите помагачи кои што најверојатно му помогнале да го направи експлозивот.

Помладиот брат на бомбашот самоубиец Салман Абеди, роден во 1997-ма година, синоќа бил уапсен во либискиот град Триполи, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“. Портпаролот на тамошната полиција, Ахмед Бин Салем изјави дека Хашим бил во контакт со својот брат непосредно пред терористичкиот напад.

„Имаме докази дека бил вмешан во акциите на Исламската држава со својот брат. Го следевме повеќе од еден месец“, изјави Бин Салем и додаде дека младиот Хашим бил во контакт со својот брат и знаел за нападот во Манчестер Арена.

Додека британската полиција настојува да добие што е можно попрецизен увид во карактерот на Салман Абеди кој е роден во Велика Британија, премиерката Тереза Меј имала состанок со безбедносниот врв во земјата и бил донесен заклучок дека постои реална опасност од нови напади.



Составниот дел од една ваква проценка е стравувањето дека Абеди би можел да соработува со поширока терористичка мрежа која има врска со други исламистички милитантни групи кои што се способни за планирање и извршување на самоубиствени напади.

„Прашање е дали делувал сам или пак бил дел од некоја мрежа која што планира да продолжи да сее смрт“, изјавил за „Ројтерс“ анонимен извор близок до истрагата и додал: „Се стравува дека можеби постојат други лица кои што му помагале при изработката на бомбата затоа што тоа бара одредено ниво на знаење“.

Деновиве било уапсено и петто лице поради поврзаност со бомбашкиот напад кој во Манчестер усмрти 22 лица, соопштија британските власти. Човекот бил уапсен во Виган, 27 километри западно од Манчестер, пренесува „Ројтерс“.



„Денес попладне извршивме апсење во Виган во рамките на истрагата за ужасниот напад во Манчестер Арената“, изјави портпаролката на полицијата во Манчестер.

Според нејзините зборови, уапсениот со себе носел пакет при апсењето, а истиот моментално е на анализа. Таткото на осомничениот, Рамадан Абеди изјавил за новинската агенција "AP" дека уште еден негов син, Исмаил, бил уапсен во вторникот во Англија.

No comments

Powered by Blogger.