Почнува судењето на деветтемина обвинети за нападот во Собранието

protest tvrdokorni

Денеска во Основниот суд Скопје 1 почнува судењето против девет лица за кои Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за насилствата во Собранието на 27 април.

Тие се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување службено дејство.

На дел од обвинитетите судот им одреди мерки на претпазливост, а четворица од нив треба да бидат спроведени во судот од куќен притвор за денешното рочиште.

Пред судот се собрани околу триесетина членови на здружението „Тврдокорни“, кои, како што најавија вчера, ќе протестираат и ќе им дадат поддршка на своите „браќа и сестри“. Дел од насобраните носат црни маички на кои на предниот дел пишува „Слобода за жабата“, а на задниот дел – „Македонија на Македонците“.

Тие покажаа транспарент „Верував во сè, но не дека моите ќе ми судат за Македонија“.

Пред судот има полициско обезбебедување, но не во голем број, а засега нема ниту припадници на специјалните полициски сили.

Инаку, вчера претседателот на државата Ѓорге Иванов, во интервју за телевизијата „Канал 5“, побара амнестија од Собранието за обвинетите за насилствата.

Пратениците и членови на високото раководство на СДСМ кои беа нападнати во Собранието неколкупати го критикуваа јавното обвинителство за квалификацијата на кривичното дело, учество во толпа, бидејќи, како што велат, станува збор за многу посериозни дела, меѓу кои обид за убиство и терористичко загрозување на уставниот поредок на државата.

Досега се поднесени кривични пријави за 30 осомничени за насилствата во Собранието, од кои двајца се товарат за обид за убиство на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

No comments

Powered by Blogger.