Мандатот на СЈО ќе може да се продолжи и преку Уставниот суд

Точно пред 18 месеци Специјалното јавно обвинителство од Јавното обвинителство презеде 34 предмети за кои веќе истече законскиот рок за поднесување обвиненија. Најголемиот дел од овие предмети беа за изборни нерегуларности. За прислушуваните разговори преземени од СДСМ рокот е 30 јуни. Има ли време за иницијатива пред уставните судии за бришење на рокот од 18 месеци за покренување обвинение?


Рокот за поднесување обвинение за предметите што би произлегле од незаконски прислушуваните материјали што беа преземени од СДСМ истекува на 30 јуни.

Од СЈО неколку пати побараа измени во законот за продолжување на рокот поднесување обвиненија, за што е потребно двотретинско собраниско мнозинство. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните пратеници е дека предвидениот рок од 18 месеци е веќе договорен и нема зошто да се менува.

Од СЈО велат дека сите предистражни и истражни постапки почнати до 30 јуни ќе продолжат, но без право да се покренуваат нови обвиненија. Специјалците велат дека ќе продолжат со истрагите и по 30 јуни, по што на редовното обвинителство би му ги давале предметите да си ги работат. Друга варијанта е СЈО да се вклопи во ЈОРМ, во Обвинителство за организиран криминал.

А за веќе покренатите обвиненија постапката исто така нормално ќе си тече.

За продолжување на мандатот на СЈО останува и можноста со иницијатива до Уставниот суд за укинување на рокот од 18 месеци за поднесување обвинение, што според многумина експерти е неуставно и нерамноправно во однос на Јавното обвинителство кое нема таков рок за покренување обвинение. Пред Уставниот суд би требало да се оспори членот 22 како неуставен, бидејќи со него СЈО е ставено во нерамноправна положба во однос на ЈО. За таква варијанта може некој да поднесе иницијатива до Уставниот суд и судот да ја разгледа и со гласање да го прогласи тој член за неуставен. Редовното обвинителство нема рок за предистражна постапка, значи може да ја тера со години, а потоа, откако ке отвори истрага тогаш му течат 18 месеци за да поднесе обвинение, што не е случај и за СЈО.

Членот 22 од Законот за СЈО, за кој се бара изменување или укинување, гласи: „Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“.

No comments

Powered by Blogger.