Мистерија: Телото на починатиот тинејџер во Малта им било вратено на родителите во Германија - но без внатрешни органи!

Пишува: Точка



Родителите на Мајк Мансхолт, германскиот тинејџер кој минатата година во јули беше пронајден мртов во подножјето на карпите во Малта, тврдат дека неговото тело е вратено во Германија без поголемиот дел од неговите внатрешни органи!

Бернд и Сузан Мансхолт поднеле барање до истражниот суд во кое наведуваат дека на телото на нивниот син му фалат срцето, мозокот, органите од вратот (хранопровод, дишниот канал), белите дробови, црниот дроб, надбубрежните жлезди, десниот бубрег, мочниот меур, желудникот и тенкото црево.

Мајк Мансхолт, 17-годишниот авантурист, дошол на Малта на одмор на 8-ми јули, а бил пронајден мртов 18 дена подоцна. 


Мајк бил пронајден без своите патики неколку метри подалеку од изнајмениот велосипед, а со истрагата било утврдено дека оштетувањето на велосипедот не било предизвикано од падот од карпите Dingli Cliffs. 

Аутопсијата покажала дека Мајк бил мртов седум до осум дена пред да го пронајдат неговото тело. Причината за смртта до ден денес не е утврдена. 

Родителите на починатиот тинејџер откриле за недостатокот на органи кога телото било пренесено во Медицинскиот факултет во Хановер, кадешто бил изведен обид за втора обдукција со надеж ќе се покажат причините за смртта. Но, единствените органи пронајдени во телото на Мајк биле неговиот лев бубрег, слезината, дијафрагмата и дебелото црево. Родителите тврдат дека тие никогаш не примиле копија од наодите од обдукцијата извршена во болницата во Малта - Матер Деи. Со оглед на недостатокот од наодите од првата обдукција, ниту втората обдукција не можела да ја открие вистинската причина за смртта на нивниот син. 


Од болницата на Малта на родителите им кажале дека поголемиот дел од органите на нивниот син биле нападнати од глодари, но овие тврдења не ги потврдила втората обдукција. 

Исто така, телото на Мајк требало да биде балсамирано пред летот кон Германија, но втората обдукција не открила траги од формалин, што обично се употребува за балсамирање. Сега тие бараат од судот да се покрене истрага околу тоа како исчезнале сите овие органи од телото на нивниот починат син, зошто тие не се вратени заедно со телото и зошто од болницата во Малта тврдат дека го балсамирале телото кога всушност не го направиле тоа. 


Исто така личните работи на Мајк Мансхолд, вклучувајќи го ранецот во кој Мајк го носел телефонот и спортската GoPro камера никогаш не се пронајдени.

No comments

Powered by Blogger.