Крај за екстерното тестирање

Идната министерка за образование Рената Десковска-Тренеска најави дека утре пред Собранието ќе биде предложен закон за укинување на екстерното тестирање на учениците. На образованието му се потребни длабоки реформи



По повеќегодишни остри критики и протести од учениците, родителите и експертите, екстерното тестирање за учениците во основното и средното образование ќе се укине. Мерката беше долго најавувана од опозициската СДСМ, а идната министерка за образование Рената Десковска-Тренеска денеска вети дека тоа ќе биде сторено уште на првата собраниска седница по изборот на новата влада, утре.

„Утре на дневен ред, на седницата на Собранието, ќе се најдат три закони со кои ќе биде укинато екстерното тестирање во основните и средните училишта. Сакам да упатам порака до учениците и родителите, дека оваа година екстерно тестирање нема да има“, порача Десковска-Тренеска.

Екстерното тестирање со години наидуваше на критики и отпор кај учениците и во експертската јавност.

Средношколскиот пленум со години наназад бараше екстерното тестирање да се стави во мирување или да се смени моделот. Истото барање беше поставувано и за време на студентските протести.

Во изјава за ДВ на почетокот на месецов универзитетскиот професор и поранешен министер за образование Ненад Новковски изрази сомнеж дека новата влада ќе име доволно време да ги направи неопходните законски измени, пред почетокот на тестирањето закажано за 5 јуни, понеделник.

„Затоа мислам дека во конкретниов случај подобро ќе биде да се оди на одлука за одложување на обврската, а потоа да се работи и на нејзино укинување. Секако откако ќе се формира новата Влада“, рече Новковски.

No comments

Powered by Blogger.