Американците повторно напаѓаат: Бомбардирана е војската на Асад

Пишува: Точка

Коалицијата на чело со САД синоќа повторно изведе напад на сириските владини сили во сирискиот град Танф.

Како што соопштија од американската коалиција која што оперира на Блискиот исток, сириските војници со својата опрема претставувале закана. Имено, бомбардирана била воена групација на сириската армија од 60 војници, артилериски системи и системи за против-воздушна одбрана.

Првиот ваков напад на американските сили беше изведен на 18-ти мај во истата област и предизвика лавина на реакции од страна на најголемите сојузници на режимот на Асад - Русија и Иран.

„Коалицијата ги уништи дополнителните сили кои што го поддржуваат сирискиот режим во воспоставената зона за избегнување на конфликтите на југот на Сирија на 6-ти јуни“, беше наведено во соопштението.



„Без оглед на претходните предупредувања, силите кои што го поддржуваат сирискиот режим навлегоа во воспоставената зона за избегнување на судири. Станува збор за тенк, артилерија, против-воздушни системи, технички автомобили кои што превезуваа вооружување и повеќе од 60 војници кои што претставуваа закана за коалицијата и партнерските сили кои што се наоѓаат во гарнизонот Танф“, стои во соопштението.

„Коалицијата издаде неколку предупредувања со посредство на линијата за избегнување на судири, а потоа уништи две артилериски единици, една единица за против-воздушна одбрана и беше оштетен тенк“, порачаа од американската коалиција.



Американците додадоа дека нивните сили на терен во Танф веќе неколку месеци го обучуваат локалното население и останатите партнерски сили за борба против џихадистите на Исламската држава.

Од американската коалиција исто така порачаа дека после новиот напад во Танф, немаат намера да војуваат против вооружените сили на сирискиот претседател Башар Ал Асад, но исто така порачаа дека ќе ги штитат своите сили на терен ако тоа биде потребно.

No comments

Powered by Blogger.