Зошто Трамп ја избриша оваа порака од Твитер?



Пораката која што ја објави во средата на својот профил на Твитер во која што вели дека „му била чест“ да се состане со палестинскиот претседател Махмуд Абас, Трамп ја избриша еден ден подоцна.

Пораката беше објавена набрзо после нивниот состанок во Белата куќа, кога Трамп изјави дека се надева дека ќе биде постигнато нешто убаво помеѓу Израелците и Палестинците, но само еден ден подоцна твитот исчезна, иако беше ретвитуван неколку илјади пати.

Избришаната порака содржела двоминутна видео снимка од состанокот на Трамп и Абас, вклучувајќи позитивни пораки за мировниот процес, како и ракување на двајцата претседатели. Пораката била објавена додека Абас бил на состанок со Рекс Тилерсон во хотелот каде што престојувала палестинската делегација.

Трамп има обичај да објавува такви пораки после состаноците, вклучувајќи ги и состаноците со израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, египетскиот претседател Абдел Фатах Ел Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори.



Станува збор за првиот состанок на новиот претседател на САД со Махмуд Абас, чија што популарност опаѓа меѓу Палестинците. Се верува дека тој издејствувал на крајот од мандатот на Барак Обама, во Обединетите нации да биде изгласана резолуцијата во која што се осудува изградбата на еврејските населби на Западниот брег. Тогаш Доналд Трамп жестоко се противеше на резолуцијата и порача дека доколку тој би бил на местото на Обама, веднаш ќе наредел да биде ставено вето на резолуцијата.

Сепак, Абас очигледно му верува на Трамп затоа што тој му рекол дека палестинскиот народ е способен „под негово раководство и големата способност за преговарање“ и дека тој може да придонесе за Палестина да стане вистински партнер на Соединетите Американски Држави.

На почетокот на мандатот, Доналд Трамп сугерираше дека се откажува од ставот на неговите претходници за решението на повеќедеценискиот конфликт помеѓу Израелците и Палестинците. На состанокот со Нетанјаху во Белата куќа, Трамп изјави дека му се допаѓа и моделот на една држава ако така се договорат двете страни.



Американските власти подоцна објаснија дека САД остануваат посветени на моделот на две држави, а Абас во својата изјава во Белата куќа повтори дека Палестинците сакаат посебна држава со источен Ерусалим како главен град.

Доналд Трамп кон крајот на месецот ќе го посети Израел и израелските медиуми пренесуваат дека во Витлеем ќе се сретне со Махмуд Абас. Тоа ќе биде првото патување на Доналд Трамп во странство како претседател на САД, а покрај Израел, тој ќе ја посети и Саудиска Арабија, како и Ватикан и Италија.

No comments

Powered by Blogger.