Јана Бурческа: Во Киев да ја освоиме Европа!


ПИШУВА: ФОКУС

Јана Бурческа вечерва со „Dance alone“ ќе настапи на втората полуфинална вечер што ќе се одржи во Киев, Украина.

Според обложувалниците, Македонија има коефициент за победа од 201. Најголем фаворит е Италија, па следи Португалија.

Освен Македонија, на втората полуфинална вечер ќе настапат и Австрија, Србија, Малта, Романија, Холандија, Унгарија, Данска, Ирска, Сан Марино, Хрватска, Норвешка, Швајцарија, Белорусија, Бугарија, Литванија, Естонија и Израел.

За пласман во финалето ќе одлучуваат гласовите од публиката, како и гласовите од националните жири комисии од земјите учеснички на втората полуфинална вечер и од Германија, Франција и Украина.

Пред нејзиниот вечерашен настан, ве потсетуваме на интервјуто што Јана го имаше за „Фокус“ минатиот месец:

Музиката почна да ја освојува уште во основното училиште. Со две другарки основаат детски бенд, кој ги забавува дечињата од училиштето. Музичката страст ја надградува во шоуто „Идол“, каде што влегува во најдобрата петорка.

Нејзиниот шарм ја освои публиката. Дипломирала право. Но, пред да ја почне својата кариера како правник, одлучи да го достигне врвот во светот на музиката. Харизматична, мила и со широка насмевка успеа да ги убеди и членовите од МТВ. Тие одлучија таа да пее за Македонија на 11 мај во Киев. На 62-та Евровизија, Јана Бурческа ќе пее „Dance Alone“ под знамето на Македонија.



Јана астролошки им припаѓа на Раковите. И типично за нив, целата своја љубов, сите свои емоции ги насочува во својата песна. Тоа ја прави среќна, а токму оваа вибрација ја препозна и публиката, која имаше можност да ја види Јана на нејзината промотивна турнеја.

Во Скопје Сити Мол денеска не танцувавме сами. Уживавме во друштвото на Јана Бурческа, правничката што пее прекрасно.

ФОКУС: Кој е твојот евровизиски идол?

БУРЧЕСКА: Од нашите претставници Калиопи, а од останатите земји би ја издвоила Лорин.

ФОКУС: Астролозите велат дека Раковите се најчувствителниот знак во хороскопот. Колку Јана кај Вас астрологијата погодила? Дали Јана е чувствителна?

БУРЧЕСКА: На кратко ќе одговорам и ќе речам дека астрологијата не можела да биде попрецизна со ова предвидување.



ФОКУС: Какви се предвидувањата на ѕвездите за време на Вашиот евровизиски настап?

БУРЧЕСКА: Како што рековте во претходното прашање, Раковите се чувствителни. Чувствата се водечка сила во уметноста. На сцената во Киев, за Македонија ќе пеат четири девојки со хороскопски знак Рак, зборувам за мене и уште четири придружни вокали. Замислете вие што би рекле ѕвездите во консултација со рационалноста.



Во Скопје Сити Мол беше неверојатно раздвижено. Од кафулето Плеј, по испиеното кафенце, се одлучивме прошетката да ја продолжиме низ трговскиот.

ФОКУС: Кај нас, секоја година очекуваме победа на Евровизија. Но, што очекувате Вие од Евровизија?

БУРЧЕСКА: Очекувам, пред сѐ, впечатлив настап кој ќе се памети и за кој ќе се зборува долго по Евровизија, а, меѓу другото, очекувам и влез во финале. Кога сме кај победата, би рекла дека на тоа се надевам што е многу природно, но не знам што да очекувам.



ФОКУС: Вашиот настап го подготвувате амбициозно. Деновиве интензивно работите со кореографка Амбра Сучи. Какви се нејзините впечатоци за Вас? Што таа сака да нагласи од Јана на сцената во Киев?

БУРЧЕСКА: Точно, работиме со Амбра Сучи и со нашата Јана Андреевиќ. Пробите се интензивни и продуктивни. За впечатокот што сум го оставила кај Амбра, се разбира, најдобро е да ја прашате неа, но неодамна начув дека изјавила дека ме доживува како самоуверена и софистицирана жена.



Застанавме во продавницата Геох. Насмеани лица, балони и убава славеничка атмосфера со која овој бренд на светско ниво одбележува еден прекрасен јубилеј, 10 години свое постоење. Со Јана им направивме прекрасна честитка.

ФОКУС: Својот поход кон ѕвездите го започнавте на Идол. Што научи од учеството во Идол? Кои работи ги примени кај себе? Кои работи исфрлија нова Јана на површина?

БУРЧЕСКА: Од тоа искуство научив безброј работи. Прво што ми паѓа на памет во овој момент е однесувањето и изразувањето пред камера. Идолот ми се случи во период кога кај човека промените доаѓаат природно, имав само 17 години, па нова, или уште попрецизно — различна Јана беше и очекувана.



ФОКУС: Но, пред Идол, вашата кариера почна во основно училиште. Ајде малку да ве вратиме на почетоците. Каде се сега вашите другарки од бендот со кој настапувавте во Вашето училиште? Дали и тие се музички активни?

БУРЧЕСКА: Другарките од бендот се Ангела и Милена. Едната е архитектка, а другата лингвист. Музиката ја милуваат само како слушатели. Сѐ уште се дружиме и со задоволство се присетуваме на овие денови.



ФОКУС: Кои се советите кои ги добивате од својата мајка, со која навистина многу личите?

БУРЧЕСКА: Да уживам во сето ова што ми претстои, да бидам мудра и редовно да јадам!



ФОКУС: Вашата мајка е на некој начин, вашиот музички насочувач?

БУРЧЕСКА: Мислам дека тука треба да се нагласи дека пред се таа ми го пренесе музикалниот ген, а музичкото насочување беше плус. Таа ме научи на класика, а пак татко ми на блуз и рок.



ФОКУС: Каква беше Јана како дете?

БУРЧЕСКА: Не многу различна од тоа што е денес. Своеглава, распеана, ведра.



ФОКУС: Сонувавте ли дека ќе станете пејачка?

БУРЧЕСКА: Да.

ФОКУС: Како останатите членови на семејството ја доживуваат Јана? Како реагираат на вашата музичка кариера? Дали ја прифатија без резерви или имаше одредени негодувања?

БУРЧЕСКА: Моето семејство ми ја дава најголемата поддршка, безрезервно. Се радуваат на секој чекор напред и постојано ме советуваат како да ги усовршам своите вештини, а и себе како личност.



ФОКУС: Јана освен музиката и правото, сака и поезија. Кои се вашите омилени стихови? Кој е поетот кој ве освоил засекогаш?

БУРЧЕСКА: Мои омилени стихови се оние на Ацо Шопов исткаени во неговата поема „Кон галебот што кружи над мојата глава“. Со овие стихови Ацо Шопов апсолутно ме освои.



ФОКУС: Приватно негувате лежен стил. На сцената дама, благодарение на Антонија Ристовска. Дали нејзината креација ќе биде и таа во која ќе настапите во Киев?

БУРЧЕСКА: Точен одговор. Со Антонија Ристовска имаме успешна соработка уште од 2012 година, а нашата тајна формула ќе ја примениме и во Киев. Засилување во тимот за овој настан се Александар Билјановски Дадар и Шевро од Куманово.



ФОКУС: Танцувате ли сама? Танцувате ли воопшто?

БУРЧЕСКА: Танцувам сама, танцувам во друштво, танцувам секогаш кога сум сама.

ФОКУС: Како се замислувате во иднина? Каде ќе се насочите најмногу?

БУРЧЕСКА: Сега сум фокусирана на Евровизија, а искуството таму можеби ќе ги промени моите погледи и замисли за иднината.



Прошетката во Скопје Сити Мол ја завршивме, но само сега. Закажавме следна средба со Јана, веднаш по нејзиниот евровизиски настап на 11 мај. И посакавме успех и тоа не само на Евровизија.

No comments

Powered by Blogger.