Двете најголеми грешки на Европа: Да ја примеа Југославија во Европската унија, на Балканот немаше да се пролее толку крв

Пишува: Toчка

Италијанскиот новинар и хуманитарец, Клаудио Герардини во разговор за „Дојче Веле“ изјави дека според неговото мислење, Европа два пати ја има направено истата грешка која што имала катастрофални последици.

Клаудио Герардини во последните 30 години известувал за некои од најзначајните историски моменти во Европа, од падот на Берлинскиот ѕид, па се до распаѓањето на Чехословачка.

„Сите знаеа дека нашите животи ќе се променат после падот на Берлинскиот ѕид, но никој не знаеше кога и колку. Пристигнав во Берлин два дена после падот на Берлинскиот ѕид и ја доживеав атмосферата и ја видов радоста таму. Во извештаите говорев дека тоа ќе ја промени историјата на светот, но не знаев дека мојот живот ќе се промени за две години. Кога започнаа конфликтите во Југославија, се вклучив во хуманитарна организација, првенствено во Хрватска и продолжив да известувам од таму“, раскажува Герардини.

Како што војната се проширувала, така тој завршил во Бугојно каде што останал изненаден од начинот на кој што луѓето се носеле со војната која што беснеела буквално под нивните прозори.



„Тоа што ме фасцинираше во Бугојно и подоцна во некои други места во Босна и Херцеговина, беше упорноста на луѓето и покрај тоа што е војна, да живеат нормално. Кога пристигнав таму, се слушаа бомби, па го прашав човекот кај кој што престојував - што ќе правиме сега? Беше вклучен телевизорот и тоа имаше „Раи Уно“ каде што се емитуваше една позната забавна емисија. Мирно ми рече - ништо, па продолжи да чита“, раскажува Герардини.

„Во Сараево луѓето не се трудеа да дојдат само до храна, туку и до козметика, чевли, ташни. Жените во Сараево правеа се што можат да останат убави какви што беа и пред војната. Ме воодушеви тој напор луѓето да се однесуваат како ништо да не се случува. Тоа можеби е мојот најсилен впечаток од БиХ“, раскажува италијанскиот новинар.

„После првото патување во БиХ и Хрватска, за неколку часа се најдов во Трст каде што животот се одвиваше сосема нормално. Не можев да сфатам дека на Балканот беснее војна, а ние тука живееме нормално, децата си играат, ние пиеме кафе... Тоа не беше некаде далеку, тоа беше тука, кај нас“, вели Герардини за „Дојче Веле“.



Тој верува дека Дејтонскиот договор бил голема грешка која што довела до поделба и парализирање на Босна и Херцеговина. Според него, денес единственото решение за БиХ е влезот во Европската унија.

„Уште во 1990-та година, кога веќе стануваше јасно дека ќе има војна, Југославија требаше да биде примена во Европската унија. Но, тоа не беше сторено. Подоцна, истата грешка беше направена и во 2000-та година. Ако тогаш се разгледуваше можноста во ЕУ да влезат Унгарија, Романија и Бугарија, што и се случи, тогаш требаше веднаш да бидат примени и земјите од поранешна Југославија. Европската унија се до 2004-та беше во многу подобра состојба и поотворена од сега. Тоа беа двете грешки на Европа“.

No comments

Powered by Blogger.