Која е Брижит Троње, новата прва дама на Франција

Откако Емануел Макрон победи на претседателските избори во Франција, неговата сопруга Брижит Троње ќе стане прва дама.



Гламурозната учителка има 64 години и е 24 години постара од сопругот кој наскоро ќе стане најмладиот претседател на Франција досега.

Таа му е најблиска соработничка, а сега ќе добие и активна улога во владата. Шеесетгодишната Троње ќе работи на реформи во образованието и нејзините услуги ќе ги понуди бесплатно на државата.

„Таа ќе се фокусира на работа со деца со аутизам и деца со други потешкотии во развојот и ќе биде на страна од политичкиот оган“, рече Кендис Неделек, коавторка на биографијата на претседателската двојка.



Брижит е најмладата од шест деца во семејството Троње. Родена е во Амиенс, а нејзиното семејство е познато по производство на кондиторски производи.

Сегашниот сопруг Емануел Макрон го запознала во почетокот на 90-тите. Му била наставничка по драма и бидејќи ѝ бил интересен му помагала со текстот.

Иако Макрон тогаш имал само 15 години, двајцата почнале да ја градат нивната врска.

„Два месеци подоцна ми рече: 'Што и да правите во животот, јас ќе се оженам со вас'“, рече Брижит за списанието Paris Match.

Макрон го исполнил ова ветување по десет години.



Од Андре-Луј Озире со кој има три деца се развела во 2006 година, а веќе следната година се омажила за Макрон.

Локалните медиуми се фасцинирани од разликата во години меѓу нив двајца.

Брижит и Емануел обожаваат да скијаат, одушевени се од Велика Британија и барем еднаш годишно одат во Лондон.

„Сакаме да разговараме со локалното население и да шетаме низ градот“, вели таа.

Брижит е многу важна личност во животот на Макрон. Кога тој стана министер за економија, таа даде отказ и стана негова советничка.



Токму неа ја сметаат за заслужна за неговите ставови за жените во политиката.

„Без неа јас не би бил јас“, рече Макрон по победата во првиот круг од гласањето во април годинава.

Оние кои ја познаваат Брижит ја опишуваат како срдечна и рационална жена која зрачи со шарм и позитивна енергија.

No comments

Powered by Blogger.