Пет најмоќни мафии во светот: Критериум не се убиствата или оружјето, туку нешто многу попрофитабилно

Пишува: Точка

Кражбата на идентитет и хакирањето на банкарски сметки и слични упади во личниот живот, се најновата форма на криминал. Магазинот Fortune наведува дека годишно на таков начин само во САД настанува штета од 20 милијарди долари. За какви размери станува збор сведочи и споредбата со заработката во таа земја од дрога и шверц на луѓе – 34 милијарди долари годишно. Според податоците на ОН за целиот свет, во 2011 година организираниот криминал заработил 870 милијарди долари.

Само во ЕУ три години подоцна на тој начин се заработиле 110 милијарди евра, иако некои проценки одат и многу повеќе, во зависност од тоа колку далеку се оди во дефинирањето на тоа што се` спаѓа во организиран криминал.

Магазинот Fortune направил листа топ пет листа на најмоќните, најбогатите, најлошите организирани злосторнички здруженија. Станува збор за толку моќни „мафијашки“ организации, што нивната моќ повеќе не се мери ни со пари, туку пред се` со општествено и политичко влијание, и тоа на најмоќните држави во светот, пишува порталот Express.hr.

Солнтсевскаја Братва – годишен приход од 8.5 милијарди долари

Руската група е организирана спротивно од јапонската Јакуза, бидејќи е многу децентрализирана. Групата се состои од 10 одвоени, но не целосно автономни бригади, кои работат независно една од друга. Организацијата заеднички ги користи своите ресурси, со парите раководи тело од 12 лидери кои се дружат на состаноци ширум светот, често под маската на прослави и фестивали.

Се смета дека имаат 9.000 членови, нивната основна дејност е дрогата и трговијата со луѓе. Рускиот криминал во голема мера се потпира на хероинот од Авганистан, земјата која традиционално дава 90 отсто од светското производство на хероин. Русија троши 12 отсто, иако сочинува само 0.5 отсто од светската популација.



Јамагучи Гуми – годишен приход од 6.6 милијарди долари

Всушност, станува збор за најмоќната банда во светот, една од оние кои се нарекуваат Јакуза. Претежно заработува од дрога, но и од коцкање, изнуда, рекет и слично.

Организациите постојат веќе стотици години, имаат силна и многу строга хиерархија, поради својата моќ често врз себе превземаат некои аспекти од јавниот ред и мир (во договор со полицијата), во замена за одредени отстапки на власта кон нив. Сепак, поради се` поголемите прогони на правосудството, организацијата е се` помала и послаба.



Камора – годишен приход од 4.9 милијарди долари

Во текот на последните децении се покажало дека американската италијанска мафија е неспоредливо помалку жилава од традиционалната мафија во стариот крај, во татковината. Во Америка мафијата буквално не е ниту сенка на своите брутални златни години. Но, во Италија е толку силна, што четири мафијашки организации годишно заработуваат 33 милијарди долари.

Најмоќна е Камора. Таа заработува од сексуална експлоатација, шверц на оружје, дрога, фалсификување, коцка, изнуда... Камора е основана во Неапол во 19 век, оригинално како затворска банда, а потоа нагло зајакнала нудејќи услуги на заштита и како сила за политичката организација на сиромашните, на и онака сиромашниот италијански југ.



Ндрангета – годишен приход од 4.5 милијарди долари

Втората најголема злосторничка организација во Италија потекнува од Калабрија. Повеќе или помалку, зборуваме за ист вид на криминал, само што Ндрангета се истакнува по своите врски со кокаинските босови од Јужна Америка, па со тоа прераснала во главниот снабдувач со таа дрога за Европа.



Картелот Синалоа – годишен приход од 3 милијарди долари

Станува збор за најголемиот мексикански картел, а да се биде на таков глас во таа земја, навистина ја крева косата на главата. Ваквите организации долги години морничаво ги тероризираат Мексиканците, а нивните масакри се планетарно неславни по својата бруталност.

Тие пораснале како соработници на латиноамериканските нарко-босови, особено во Колумбија, со САД. Дека станува збор за профитабилен „бизнис“ сведочи и бројката од 100 милијарди долари кои Американците секоја година ги трошат на дрога. Од тоа, мексиканските картели заработуваат околу 6.5 милијарди долари, а меѓу нив е и Синалоа со дури 60 отсто.

No comments

Powered by Blogger.