Погледнете како изгледа најлуксузниот воз на светот: Еден билет чини над 7 илјади евра и секако се наоѓа во...


Кога станува збор за модерните возови, невозможно е да не бидат споменати Јапонците кои што ја имаат една од најмодерните флоти на возови и секако, една од најмодерните и најразвиени железнички инфраструктури.

Јапонците се нација која што може да се пофали со многу врвни достигнувања во најразлични области, а кога станува збор за железницата, нивна гордост е „Шинакансен“ (Возот куршум) кој е најпрепознатливо нешто во светот на железницата и може да се пофали со неверојатна брзина и точност.

Иако Јапонците повеќе ја немаат најдолгата железничка мрежа на брзи возови (2764 километри), нешто во што неодамна беа претекнати од Кинезите, мрежата „Шинакансен“ и ден денес е сместена во елитата кога станува збор за железничкиот превоз. Тука се наоѓа благодарение на оперативната брзина од 320 километри на час, како и богатата „безбедна“ историја и неверојатна точност.



Но, нацијата која што од ден во ден напредува не застана тука. Од 1-ви мај Јапонија пушти во употреба сосема нова линија на возови под називот „Шики-Шима“, што во превод значи „Остров на четири годишни времиња“. Со возовите управува компанијата Japan Railway East.

Во споредба со славниот „Шинкансен“, максималната оперативна брзина на „Шики-Шима“ износи релативно „сиромашни“ 110 километри на час. Тоа можеби е бавно за јапонски стандарди, но во некои други држави, како на пример нашата, таквата брзина и натаму е недостижна поради застарената железничка инфраструктура.



„Шики-Шима“ има само 10 вагони со капацитет од 34 патници и 17 апартмани. Најскапиот билет за едно лице е над 7 илјади евра. Ако сепак некој се одлучи за основната цена на билет, тоа ќе чини околу 320,500 јени, односно околу 2600 евра.

Возот има салон од пет ѕвездички, вагони со опсерваторија, тоалети и бањи кои што можат да застанат „рамо до рамо“ со најлуксузните хотели и ресторан во кој што главните јадења ги подготвува готвач кој што ја има добиено ѕвездата на Мишелин. Вагоните се дизајнирани од Кен Кијојуки Окујама - дизајнер познат по неговата работа за Ферари и Порше.



Колку се Јапонците воодушевени од најновиот воз, доволно говори податокот дека патниците за премиерното патување на 1-ви мај биле избирани на лотарија. Интересот денес е толку голем, што сите билети се резервирани до април 2018-та година.

Патувањето со овој воз трае од 2 до 4 дена (во зависност од годишниот период и избраниот пакет) и притоа возот се движи низ најпознатите места и пејзажи на Земјата на изгрејсонцето, а патувањето започува и завршува во престолнината Токио.













No comments

Powered by Blogger.