И по 6 години од смртта на Мартин Нешкоски случајот нема правна разрешница


На денешен ден навршуват 6 години од трагичната смрт на Мартин Нешкоски, кој беше брутално убиен за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по Предвремените парламентарни избори, на градскиот плоштад во Скопје.

Случајот кој ја потресе јавноста се уште нема правна разрешница, освен пресудата за полицискиот службеник Игор Спасов, човекот кој до смрт го претепа Нешковски.

Од Центарот за слобода – ЦИВИЛ, апелираат до СЈО темелно да го документира случајот и да покрене соодветни обвиненија за сите инволвирани што поскоро.

„Овој случај сериозно ја поткопа довербата на граѓаните во институциите на системот и сведочи за партизирана полиција и партизирано судство. Шест години по убиството на Нешковски, освен пресудата за полицискиот службеник Спасов, судството молчи за одговорноста на партиските моќници кои учествуваа во прикривањето на овој случај“, велат од ЦИВИЛ.

Во прислушкуваните разговори кои ги објави СДСМ пред 2 години околу овој случај, можеа да се слушнат вознемирувачки детали за истиот, меѓутоа никој од функционерите и другите инволвирани лица кои учествуваа во прикривањето на ова злосторство не презеде одговорност .

Имено тие два дена се обидувале да го прикријат овој морбиден настан од јавноста.

И покрај масовните протести се уште нема командна одговорност за неовластеното присуство на службени лица во обезбедувањето на тогашниот премиер Груевски за време на прослава, ниту пак одговорност за полициските службеници, кои воопшто не го евидентирале убиството во книгата за дневни настани во полициската станица.

Специјалното јавно обвинителство неодамна ги презеде објавените материјали за прикривањето на убиството, меѓутоа судски процес за овој случај се уште не е започнат.

No comments

Powered by Blogger.