Случајот „Монструм“ пред Врховен на 30 мај

Врховниот суд го одреди терминот за судење на случајот „Монструм“. Шесттемина осудени на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смилковско Езеро ќе треба да се појават пред врховните судии на 30 мај.



Во највисокиот суд сè уште се разгледува можноста за линковско поврзување на големата сала во Врховниот суд со друга сала за да може да се излезе во пресрет на огромниот интерес на јавноста, како и на семејствата на жртвите и осудените во овој судски процес. Закажувањето на седницата, на која ќе се одлучува по жалбите на осудените, доаѓа по повеќе од 15 месеци.

Трагичниот настан се случи пред 5 години, непосредно пред големиот христијански празник Велигден, кога на 12 април 2012 беа убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Цветковски.

За петкратното убиство се осудени шестмина лица на доживотна казна затвор. Двајца од осудените, кои се осомничени дека се директни извршители на убиствата, сè уште се на Косово и не се екстрадирани.

Основниот суд Скопје 1 на 30 јуни 2014, поточно 1,5 година по стартот на судскиот процес, ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено обвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

Сè уште се чека на екстрадиција од Косово на првообвинетите Африм Демири и Агим Исмаиловиќ, кои беа осудени во отсуство.

Во декември 2015 година Апелациониот суд Скопје, одлучувајќи по жалбите на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и обвинетите, ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1.

И двете страни искажаа незадоволство од пресудата и се сомневаат дали вистинските виновници се зад решетки бидејќи, како што се тврди, има многу недоречености во пресудата и не е докрај откриена „улогата“ на автомобилот најден во близина на настанот. Постојат и многу сомнежи околу наводната вмешаност на високи функционери од власта,чии имиња се кријат, а кои наводно, ги имало во опозициските „бомби“кои сега се наоѓаат во рацете на СЈО.

No comments

Powered by Blogger.