Убил доволно луѓе за да наполни цели гробишта: Ова е највештиот мафијаш, кој е во бегство 20 години

Пишува: Точка

Последната фотографија од Матео Месина Денаро потекнува уште од 90-тите години од минатиот век, а тој е последен пат виден во 1993. година.

55-годишниот Матео Месина Денаро во колективната свест на Италијанците изгледа исто како на почетокот на 90-тите години. Од тој период потекнуваат и неговите последни фотографии. Во 1993. година исчезнал без трага и повеќе никогаш не се појавил.

Познат е како "Ролекс" бидејќи покрај убавите жени и брзите автомобили, сакал и скапи часовници. Денаро - убиецот и голем шеф на сицилијанската мафија - "Коза Ностра".

"Со своите жртви би можел да наполнам гробишта", наводно своевремено изјавил Денаро. Првото убиство го извршил на 18 години, а во меѓувреме на товар му се ставаат повеќе од 50. Од тогаш е познат и како шеф над шефовите.
Шефови над шефовите имало неколку. Бернардо Провенцано бил уапсен пред десет години, а газел и убивал се пред себе. Салваторе Тото Рина е во затвор од 1993. година. Сите тројца се поврзуваат со крвави злосторства, а еден од нив е атентатот во Капачи, на човекот за кого и денес се тврди дека би можел да ја разбие мафијата.

"Во близина на Капачи, гратче на Сицилија, на 23. мај 1992. година, под автомобил детонирале околу 500 килограми експлозив. Возилото одлетало во воздух, а со него и ловецот на мафијаши Џовани Фалконе, кој со сопругата Франческа и обезбедувањето патувал во викендичка во Палермо. Провенцано и Рина и набрзо биле прогласени за нарачатели. Денес, 25 години подоцна, во документите на инспекторите се почесто се појавува и името на Денаро. Овие денови на Сицилија почнува постапката против него. Постапка во отсуство на обвинетиот".


За разлика од Провенцано и Рина, Денаро никогаш не бил во затвор. Кога во 1993. година почнала истрага против него, побегнал и напишал писмо до тогашната девојка: "Срамота, невин сум. Мојот Пат на солзите започна, совеста ми е чиста. Се надевам дека Бог ќе ми помогне".

Матео Месина Денаро моментално е еден од најбараните криминалци на светот, кој е многу опасен. "Corierre Della Sera" пишува дека Италија потрошила милиони и милиони евра за да му влезе во траг и да го уапси. Околу 200 полицајци и карабинери работат на случајот, а истрагата ја води обвинителството во Палермо.

Меѓутоа, и без тоа билансот од 24-годишната истрага е поразителен. Уапсени биле братот на Денаро, сестрата, нејзиниот сопруг, нивните деца - практично, цело семејство. Но, додека семејството му е во затвор, Матео Месина Денаро не може да биде фатен.

No comments

Powered by Blogger.