Стигнавме до крајот на првиот рок – СЈО отвори 20 истраги и поднесе 3 обвиненија

Пишува: Точка

Тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева има уште дваесетина дена за отворање истраги и поднесување обвиненија за криминални активности, кои произлегуваат од прислушуваните материјали.

На СЈО му истече првиот рок во кој обвинителите можеа да поднесуваат обвиненија, за предметите кои ги презедоа на 4 декември 2015 година.





Обвинителството на Јанева предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на двапати: на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство на 4 декември 2015 година, на СЈО му предадоа вкупно 31 предмет од незаконското прислушување, а Јанева и нејзиниот тим добија и случаи од обвинителствата во Битола и во Куманово. На 15 декември 2015 година, специјалната јавна обвинителка соопшти дека СЈО е надлежно и ќе работи по 34 предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“. На 30 декември 2015 година, пак, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на СЈО му ги предаде сите материјали, снимки и транскрипти од „бомбите“.




Јанева веднаш се откажа од предметот против екс-премиерот Никола Груевски за злоупотреба на службена, воена или државна тајна во случајот „Пуч“ за ПИ мерките, со кои во јавноста произлегоа видео-снимки со лидерот на СДСМ Зоран Заев, а направени во кабинетот на Груевски. СЈО се прогласи за ненеадлжно и за предметот на членот на ДИК, Бедредин Ибраими, кој против СДСМ поднел пријава за лажно пријавување, кога бил сослушан како сведок во друг предмет од бомбите.

Законот за СЈО, предвидува дека ова обвинителство има 18 месеци од „преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. Според ова, Јанева до почетокот, до крајот на јуни годинава има рок за истраги и за поднесување обвиненија, за случаите преземени на 30 декември. Во досегашниот период од една година, СЈО отвори 20 истраги и поднесе само две обвиненија и еден обвинителен акт. Станува збор за случаите: „Таргет“, „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Транспортер„, „Тврдина“, „Тврдина 2“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Тарифа“, „Тенк“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Траекторија“, „Тревник“, „Талир“, во кој се осомничени или обвинети десетици актуелни и поранешни државни и локални функционери за серија кривични дела.



Според ставот 3 од членот 1, Законот за СЈО ќе биде на сила пет години од усвојувањето од Собранието и може да се продолжува еднаш годишно, со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.

СЈО и опозицијата бараат пролонгирање на овој рок, а за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, кое со актуелниот распоред на пратеничките места е невозможно да се постигне.

Дел од стручната јавност смета дека со законското ограничување од 18 месеци за покренување обвиненија, обвинителите на СЈО не се во рамноправна положба со обвинителите на Јавното обвинителство. Рокот за покренување на обвинение и за обвинителите на ЈО е 18 месеци, но откако ќе почне истрагата, a за обвинителите на СЈО во овој рок од 18 месеци влегува и периодот на предистражна постапка.



Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на последната прес-конференција, побара од Собранието да го продолжи рокот од 18 месеци кој го има СЈО да поднесува обвиненија и да отвора истраги поврзани со прислушуваните разговори.

„Во врска со рокот од 18 месеци за поднесување обвиненија и објавување истраги, бараме од новото парламентарно мнозинство да го избрише членот 22 од законот за обвинителството со што ќе му овозможи на СЈО докрај да ги истражи кривичните дела што произлегуваат од прислушуваните разговори“, рече Јанева. Таа изјави дека не ги преслушуваат преостанатите 55% од прислушуваните разговори, затоа што во процес на обработка се преслушаните 45-те проценти и фокусот е ставен на отворените предмети и најави дека во наредниот период ќе се интензивира поднесувањето обвиненија.

No comments

Powered by Blogger.