Северна Кореја продолжува со заканите: Ќе ги збришеме Американците од Земјата

Пишува: Точка

Севернокорејските власти повторно се заканија дека Пјонгјанг ќе ги збрише Американците од Земјата доколку Вашингтон започне војна на Корејскиот полуостров.

Ударната група на американскиот носач на авиони „Карл Винсон“ наскоро ќе се најде во близина на Корејскиот полуостров. Американскот потпретседател Мајк Пенс во саботата изјави дека воените бродови ќе пристигнат во следните неколку дена, во пресрет на најавената шеста нуклеарна проба на Северна Кореја.

Се верува дека Пјонгјанг поседува технологија која што ќе им овозможи да произведат ракета која што е способна да допре до територијата на САД. Само овој месец, севернокорејските власти наредиле два тестови на ракети, а тоа ги загрижува властите од Вашингтон, Сеул и Токио.

На официјалното гласило на севернокорејската Работничка партија - „Родонг Синмун“, севернокорејците им порачаа на Американците дека не се плашат од доаѓањето на носачот на авиони и воените бродови.
„Таквите закани можеби би уплашиле медуза, но тоа никогаш нема да успее со Северна Кореја“, пишува во денешен „Родонг“.

Исто така, наведено е дека со доаѓањето на американските бродови се најавува инвазија на Северна Кореја, а авторот на текстот оценува дека тоа ќе биде лоша проценка на Вашингтон, да ја спореди Северна Кореја со Сирија која што не реагираше откако неодамна Американците ја бомбардираа сириската воена база Шајрат.

„Светот ќе биде сведок како нуклеарните носачи на авиони на Вашингтон се претвораат во обичен челик закопан на дното на морето и како земјата наречена Америка ќе биде збришана од лицето на Земјата“, порачаа од Пјонгјанг.

Исто така, постојат стравувања дека веќе утре, Северна Кореја ќе изведе уште еден тест со кој што ќе ја одбележи 85-годишнината од основањето на Корејската народна армија.
Северна Кореја засега нема тестирано интерконтинентална балистичка ракета која што би имала доволен домет за да стигне до територијата на Соединетите Американски Држави, иако има амбиции да произведе една таква ракета. Засега, исто така не е познато до каде се севернокорејците со нуклеарната технологија и дали сето тоа може да биде имплементирано во една нуклеарна боева глава која што би била сместена на таква ракета.

Доналд Трамп и неговата администрација во неколку наврати порачаа дека нема да биде толерирано таквото однесување на Северна Кореја и нагласија дека „сите опции се на маса“, вклучувајќи и воен удар.

No comments

Powered by Blogger.