Зијадин Села: Пак ќе ве победам на изборите, Панчо Минов: Села потстрижете си ја косата

Пишува: Точка

„Повторно ќе се кандидирам на локалните избори и пак ќе ве победам“, рече Зијадин Села, пратеник на ДР-ДПА, обраќајќи им се на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се обединивте заедно против мене на изборите во 2013-та и ништо, ве победив. Ќе се кандидирам повторно и пак ќе ве победам. Вие во 2013-та година во Струга внесовте пенкало, на кое му се бришеше мастилото. Зошто не го осудивте тој акт. Доаѓаа илјадници граѓани од други градови да ве гласаат. Едно младо дете го држевте четири часа само затоа што не гласал за вас. Дете сираче да се држи на таков начин“, рече Села.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Панчо Минов обраќајќи му се на Села, рече дека е време да престане да провоцира.

„Села одамна ти го собирам што би рекле моите кавадарчани. Дали тоа што ти паѓа косата на очите, те прави да си многу умен или само така изгледа. И не престануваш да провоцираш, удираш по државата и нација. Не можеш ти како еден пратеник да ја кроиш судбината на Македонија. Земи потстрижи се. Тебе изгледа разум ти фали“, рече Минов.


Реагираше претседавачот Трајко Вељаноски кој рече дека не е во ред да се користи ваквата реторика.

„Сепак сме колеги да се воздржиме од навреди да бидеме на нивото на задачата“, рече Вељаноски.


На говорот на Села, се јавуваа и други пратеници кои велеа дека тој како градоначалник ништо не направил за подобрување на условите во Струга. Дискусијата меѓу нив ја прекина пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски кој побара од претседавачот Вељаноски да ја води седницата согласно деловникот, а пратениците да се држат до дискусијата за отворената точка.

„Дебатираме на наводни говори, реплики, контра реплики. Сега Села и ВМРО-ДПМНЕ ја користат ситуацијата за нешто што ги подгрева страстите кај Македонците и Албанците. Ако имате синдром на напуштена љубовница, што Села веќе не е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, решете си ја меѓу себе и расчистете си го тоа на друго место. Нека ви каже зошто одбрал да не биде со вас. Затоа господнине Вељаноски треба да реагирате на секој дискутант, што не се придржува на темата. Најголемата одговорност ја имате вие. Затоа што дозволувате да се дебатира за се и сешто. Ако е така нема потреба да седите тука, секој нека седнува и станува кога сака и така ќе го докомплетирате хаосот кој веќе трае“, рече Спасовски.

Вељаноски по ова ја прекина седницата и даде пауза за ручек. Претходно јавно ги опомена пратениците кои ја држеа говорницата за процедурални забелешки.

No comments

Powered by Blogger.