Една од најпотресните фотографии од војната во Сирија: Има ли крај на овој хорор?

Пишува: Tочка

Фотографијата која несомнено ќе остане запечатена во историјата како сведоштво од страшната граѓанска војна во Сирија, прикажува целосно скршен човек како беспомошно плаче покрај телото на едно дете...

Во изминативе шест години колку што трае граѓанската војна во Сирија, две фотографии посебно го привлекоа вниманието на целиот свет, или подобро кажано, го шокираа, го запрепастија и го натераа секој еден човек да се запраша - до каде може да оди човековата суровост?

Сигурно сите се сеќаваат на потресната фотографија која што го скрши срцето на целиот свет - безживотното тело на малиот Алан Курди исплива на една плажа во Турција, откако чамецот кој пренесувал бегалци од Сирија се превртил и потонал во морето.

Втората фотографија беше направена минатата година, а на неа беше прикажано валканото лице на малиот Омран Дакнеш кој со замрзнат поглед чекаше помош од медицинските лица во Алепо после едно масивно бомбардирање.



Војната во Сирија воопшто не е ниту блиску до крајот, па за жал, голема е веројатноста дека во иднина повторно ќе бидат објавуани слични, потресни фотографии. За жал, една веќе е тука, настана минатата седмица за време на бомбашкиот напад на автобусите кои што ги превезувале луѓето од опколените сириски села. Во нападот загинаа 126 лица.

На лице место бил фоторепортерот и активист, Абд Алкадер Хабак кој со својот фотоапарат ги чекал автобусите. Меѓутоа, во еден момент одекнала голема експлозија, а Хабак паднал во несвест. Кога се освестил, останал шокиран од глетката.


„Беше ужасно, вистински хорор. Гледав деца како умираат пред мене. Заедно со моите колеги го фрлив фотоапаратот и започнав да спасувам луѓе“, раскажал Хабак за американски „СиЕнЕн“.

„Дотрчав до едно дете, но во тој момент слушнав како некој ми вели - тргни се од него, веќе е мртво. За среќа, тој човек не беше во право, детето даваше знаци на живот“, раскажува Хабак и додава дека го одвел детето во безбедната зона, а камерата на неговиот другар ја снимила целата сцена.
Хабак го одвел детето во амбулантно возило, но се уште не е познато дали го преживеало нападот. Хабак вели дека е целосно скршен од сцените, од многубројните безживотни тела на деца и возрасни, а кога ќе ги погледнеме фотографиите, сите веднаш сфаќаме зошто е тоа така.

No comments

Powered by Blogger.