СЈО на средба со директорите на Телеком

Тимот на Катица Јанева во текот на наредниве денови ќе има работна средба со претставници на еден мобилен оператор во земјава, потврдуваат од Специјалното јавно обвинителство за Телевизија 24.

Image result for sjo makedonija
24 вести

Од таму не соопштуваат со кого ќе биде средбата и како е договорена, но наведуваат дека по истата јавноста ќе биде информирана за исходот од неа.

СЈО не го наведува ниту името на мобилниот оператор со чии претставници ќе има средба, но според последниот шестмесечен извештај за работата на СЈО, се претпоставува дека станува збор за Македонски Телеком – операоторот за кој Кривичниот суд не издаде налози за претрес поврзани со истрагата за случајот „Таргет“.

Според неофицијални информации – најверојтано средбата ќе биде со странските претставници во Телеком, бидејќи поголемиот дел од одборот на директори од земјава или одбивале соработка или се дел од други истраги на СЈО.

Несоработката со Македонски Телеком, СЈО ја потенцираше и во последниот шестмесечен извештај каде што беше наведено дека и покрај обидите Судот не одобрил ниту еден налог за претрес.

„Видно од изнесените податоци во предметот во 4 наврати од Основниот суд Скопје I Скопје е одбиено барањето за издавање наредба за пребарување во компјутерски систем и компјутерски податоци во уредите во Македонски Телеком АД Скопје“, се наведува во последниот шест месечен извештај на СЈО.

Испративме прашања и до засегнатиот оператор со цел да ги потврдиме информациите, но од таму ни одговорија дека станува збор за посензитивна тема и дека одговор на прашањата ќе добиеме во текот на утрешниот ден.

Истрагата за предметот кој, со какви средства и со какви мотиви прислушувал, таргетира десет лица поранешни и сегашни вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање на различни работни позиции, од највисоките структури до пониските ешалони, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување. Најмалку 5827 телефонски броеви биле следени во периодот од 2008 до 2015 година без судска наредба. Таргет биле политичари, новинари, бизнисмени.

No comments

Powered by Blogger.