Демонстрација на сила: Погледнете како изгледа најголемата воена вежба во историјата на Северна Кореја

Пишува: Точка

Објавени се првите снимки од најголемата воена вежба во историјата на вооружените сили на Северна Кореја - сето ова се случува во моментот кога односите помеѓу Пјонгјанг со Вашингтон, Сеул и Токио се крајно затегнати.

Најголемата воена вежба на севернокорејската армија е одржана во рамките на 85-годишнината од основањето на државната армија на Северна Кореја, пренесува британски „Индепендент“.

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун лично ја следел демонстрацијата на сила на армијата во која што зеле учество од 300 до 400 тенкови и артилериски системи кои што биле распоредени во близина на источното пристаниште Вонсан.
Севернокорејската национална телевизија пренела дека армијата се подготвува да стави крај на американските сплетки и уцените со нуклеарни закани.

„Моќта на Народната армија нема граници. Поседува најнова воена опрема, вклучувајќи и најразлично нуклеарно вооружување како и балистички ракети“, објавиле од националната телевизија на Северна Кореја.

Овие вежби се одржуваат додека ситуацијата на Корејскиот полуостров е крајно тензична и според воените аналитичари, постои сериозна шанса да избувне војна помеѓу САД и своите сојузници - Јужна Кореја и Јапонија, против режимот од Пјонгјанг.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна побара помош од кинескиот претседател да се обиде да ги наговори своите „сојузници“ од Пјонгјанг да се откажат од тестирањето на ракетите, но истовремено изрази сомнеж дека преговорите ќе донесат позитивен резултат.

Трамп, како и најблиските луѓе од неговата администрација исто така, во неколку наврати порачаа дека „сите опции се на маса“, што значи дека не е исклучено и сценарио на отворена војна против Северна Кореја.

No comments

Powered by Blogger.