Лавров до Тилерсон: Се сеќаваме на бомбардирањата на Југославија, убиствата на Хусеин и Гадафи...

Пишува: Toчка

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, вчера се сретна со својот американски колега Рекс Тилерсон.

Рускиот шеф на дипломатијата говорејќи за ракетниот напад на САД на Сирија, потсети на претходните воени операции на Вашингтон ширум светот, вклучувајќи го и нападот на Југославија кој што беше изведен без согласност од Советот за безбедност при Обединетите нации.

„Кога станува збор за Сирија, разговаравме за некои историски факти и Рекс ми рече дека тој е нов човек во американската администрација и не сака да се занимава со минатото. Меѓутоа, светот е таков, така што доколку не учиме од историјата, ништо нема да постигнеме ниту во иднина“, изјави Лавров на заедничката прес конференција со Тилерсон во Москва.



Во врска со тоа, рускиот дипломат се осврна и на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ „поради кого НАТО започна војна во центарот на Европа и со тоа најгрубо ја прекрши повелбата на Обединетите нации и Хелсиншкиот финален акт“, пренесува „Спутник“.

„Бомбардиран беше репетитор, што е воено злосторство според сите толкувања на Женевската конвенција, бомбардирани беа стамбени делови од градовите, погодена беше амбасадата на Кина, бомбардирани беа мостови и возови. Дури после два месеци, кога снема муниција и цели, тие земји се обратија до Советот за безбедност“, истакна Лавров.



Тој како пример го наведе и поранешниот ирачки лидер, Садам Хусеин кој беше обесен после американската инвазија на Ирак, како и убиството на либискиот лидер Моамер Гадафи.

„Експерименти за симнување на диктатори веќе видовме и многу добро знаеме како истите завршуваат. На позитивни примери не можам да се сетам. Поради тоа, кога станува збор за Сирија, Русија не игра на картата на поединецот, како што е Асад, туку се залага за договор со сите завојувани страни. Дијалогот мора да биде инклузивен, а за судбината на земјата треба да решат исклучиво Сиријците“, заклучи Лавров.

No comments

Powered by Blogger.