Дечки, не правете селфи на воз, опасно е по живот!

Преку кампањата „НЕ за селфи на воз – Вреди да живееш“ МЖ Транспорт АД Скопје ќе ги едуцира основците и средношколците во Скопје за ризиците од фотографирање на вагоните во депото на МЖ Транспорт, по неодамнешниот случај во кој од струен удар загина 15-годишно момче.



Кампањата почна вчера во државното средно училиште „Владо Тасевски“ каде на учениците им беа поделени и претставени флаери и видео презентации со пораки „Спречи го твојот другар да се докажува“ и „25 KV = 25.000 V или 5.000 пати повеќе за да го наполните вашиот мобилен телефон“. Подготвени се тимови кои ќе ги посетат сите основни и средни училишта во Скопје и ќе укажуваат на опасностите од електричната инсталација кај возовите.

„Ќе делуваме едукативно кон младите луѓе да го користат возот како превозно средство, а не за качување на крововите и правење фотографии. Имаме многу поубави места за фотографии во возот и во Македонија каде можеме да отидеме со воз, да излеземе надвор и да направиме фотографии“, рече Игор Коруноски, директор на МЖ Транспорт.

Тој апелира до младите да бидат внимателни и одговорни, а родителите да им укажат дека вагоните и возовите во депоата на МЖ и во кругот на станичните места се места над кои поминува електрична мрежа под висок напон од 25.000 волти. Ризично е и може да биде фатално, како што нагласи, да се биде близу и на еден или еден и пол метар до инсталацијата.

„Ги правиме сите напори да ги информираме луѓето да не се движат во тој простор, кој за таа цел е ограден и се поставени табли дека е забрането движење. На вагоните се поставени табли на кои е означено место со висок напон, а и столбовите на кои е електричната инсталација има посебно посебни ознаки“, наведе Коруноски.

Коруноски најави дека ако има потреба кампањата „НЕ за селфи на воз – Вреди да живееш“ ќе се спроведе и во останатите градови.

No comments

Powered by Blogger.