Скандал: Гинеколог од Скопје девет месеци лажел пациентка дека е бремена

Пишува: Точка

Гинеколог од Скопје цели девет месеци ја манипулирал и лажел неговата пациентка дека е бремена иако во нејзиниот стомак не постоело никакво бебе.

На секој преглед и давал ехо снимки на кои се гледа плод, кои претходно ги имал спремено да и ги даде, и давал хормонална терапија за вештачки да се покажат параметри кои ќе ја убедат дека е бремена, и кажал дека носи машко дете и вршел детални прегледи каде во детали го опишувал плодот.

За време на лажната бременост, докторот правел гинеколошки прегледи, мерел грло на матка, вербално ја убедувал дека е бремена, ја терал да прима непотребни лекарства и терапии и правел гинеколошки скрининзи за детално да се прегледа плодот, пренесува НОВА.

Случајот во кој гинекологот Дамчевски, во моментов вработен во Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје, монструозно девет месеци лажел пациентка дека е бремена ја згрози јавноста и повторно отвори прашање за третманот на пациентот во здравството во Македонија.

Против него се води истражна постапка за кривичните дела: Тешки дела против здравјето на луѓето, и измама и фалсификување на исправа. Оваа жена која четири пати безуспешно се обидувала да остане бремена со нејзиниот сопруг му ја дале довербата на лекарот кој тогаш работел во една, а потоа во друга приватна болница. Од септември минатата година е примен на работа на ГАК, Клиниката за гинекологија и акушерство.



"Докторот Николче Дамчевски уште на почетокот ме убедуваше дека сум бремена иако крвавев, ми даваше хормоналана терапија и инјекции против коагулација на крвта, ме убедуваше дека во мојот стомак се развива живот. Бевме пресреќни со мојот сопруг иако бев бомбардирана со терапија. Купуваме облека, играчки, креветче, детска соба. На секое одење на преглед лекарот ги мереше димензиите на бебето, ми пушташе срцев ритам, ни даваше да ги гледаме сликите од ехо. Дури ни го кажа и полот, дека бебето е машко“, изјавила жената.

Кога дошло време за породување, гинеколог се повеќе го одложувал породувањето, но кога веќе не можело да се одлага, тој го повикал сопругот на жената и му соопштил дека таа всушност не е бремена и дека има три опции: Тој да ја породи со царски рез и да и каже дека бебето е мртво родено, да ја успие со анестезија во амбулантата, да и направи киретажа и повторно да и каже дека бебето било мртво или пак, сопругот да и соопшти дека не била воопшто бремена.

Сопругот, шокиран од тоа што го слушнал, ги одбил првите две опции. По што гинекологот морал да и' ја соопшти вистината на пациентката. И објаснил дека се работи за лажна бременост која наводно требало да ги подобри нејзините репродуктивни способности, дека имала спонтан абортус во шестата гестациска недела и дека јајниците и се за никаде. За нејзино добро тоа дотогаш не и го соопштил, а успеал нејзините репродуктивни органи да и ги врати на степен од пред 15 години.



Дијагнозата од Клиниката за гинекологија била сосема различна - Тука лекар утврдил дека таа воопшто не била бремена и со неверување ја слушал нејзината приказна. По овој чин тие ангажирале адвокат, Ирена Фрчковска, која тврди дека гинекологот ќе мора кривично да одговара и да му биде забрането да работи со цел да не наштети и на други пациентки.

Дамчевски пак вели дека не сторил ништо лошо, се обидувал да помогне - "Тоа што сум го направил сум го кажал таму каде што треба. Тврдам дека не сум загрозил ничиј живот, не дошло до губење на органи, не сум убил човек, не сум направил ништо лошо што ќе донесе непријатности понатаму во животот“ изјавил за НОВА.

Во Министерството за здравство велат дека постапувањето во случаи кога постои сомневање за извршено кривично дело не е во надлежност на министерството, туку на судот и истражните органи.

No comments

Powered by Blogger.