СПЕЦИЈАЛЦИ НА УЛИЦИТЕ: Засилено полициско обезбедување вечерва низ државата (ФОТО)

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека зголеменото полициско присуство е да се спречат какви било инциденти за време на големиот христијански празник, кога голем број верници се собираат во и околу храмовите.



Припадници на Единицата за брзи реакции се распоредени на клучни точки низ главниот град, во близина на Соборниот храм „Св.Климент Охридски“, како и низ пофрекфентните места и сообраќајници во Скопје. Засилено полициско присуство има и покрај другите цркви, како во главниот град, така и низ другите населени места низ земјава.

Се работи за посебни безбедносни мерки, што беа најавени уште во текот на вчерашниот ден. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека зголеменото полициско присуство е да се спречат какви било инциденти за време на големиот христијански празник, кога голем број верници се собираат во и околу храмовите.



„Со оглед на глобалните терористички закани во кои што цели се и верски објекти (како што беа неодамнешните напади во Египет), потоа таргетирањето на земјите од Балканот, меѓу кои и Република Македонија, а вклучително и масовните собирања на граѓани, од страна на терористичката ИСИЛ, МВР ќе ги зајакне безбедносните мерки и активности во наредните денови на целата територија на државата“, соопштија од министерството.

Вечерва во Соборниот храм во Скопје ќе се одржи главната литургија по повод Воскресението Христово, а која ќе ја води архиепископот г.г. Стефан. Таму по традиција се очекува да се соберат и најголем број од верниците, при што на полноќ ќе биде соопштено воскресението.



Сепак, за разлика од минатите години, кога десетици илјади граѓани во Скопје доаѓаа кај Соборниот храм, навиките се сменија, па голем дел од верниците ги посетуваат и локалните цркви низ населбите во градот.

Поради продолжениот викенд, голем број од македонските граѓани заминаа и кон нашите туристички центри, па се очекува и во тамошните храмови да има големо присуство од верници. Најголем број домашни и странски туристи има во Охрид.

No comments

Powered by Blogger.