Која е Марин Ле Пен? Жената од која се плаши Европа синоќа прогласи победа

Пишува: Toчка

Марин Ле Пен ја одведе партијата Национален фронт од дното на француската политичка сцена, до самиот врв - а по вчерашната победа во првиот круг, токму таа може да биде идниот претседател на една од најмоќните европски држави.

Откако го превзеде Национален фронт во 2011-та година, таа најпрвин се потруди да го избрише антисемитскиот имиџ кој со децении го имаше партијата која што некогаш ја водеше нејзиниот татко - Жан-Мари Ле Пен.

Два пати разведената мајка на три деца ја позиционираше партијата како анти-имигрантска, евроскептична партија која што обичниот француски работник ќе го стави на првото место во државата.

Ле Пен синоќа прогласи победа во првиот круг од претседателските избори и го поздрави „историскиот резултат“ (иако, Макрон тесно победи). Таа порача дека е во прашање опстанокот на Франција и дека нејзината партија на францускиот народ му нуди „голема алтернатива“. Сепак, јасно е дека во вториот круг ќе биде тешко против Макрон кој покрај тоа што генерално има повеќе гласови, тој ќе ја добие поддршката на сите останати претседателски кандидати, па слободно може да се каже дека во вториот круг десничарката Ле Пен ќе биде сама против сите.



Поради нејзините популистички ставови, многумина сега стравуваат дека може да се повтори сценариото од американските претседателски избори и од референдумот за излегување на Велика Британија од Европската унија.

Доколку победи на изборите, речиси е сигурно дека и таа ќе распише референдум за излегување на Франција од Европската унија, а секако, ќе го сопре и доаѓањето на бегалците во земјата. Таа едноставно не крие дека не ја поднесува Европската унија и нејзината либерална политика.

Неодамна му се заблагодари на Најџел Фараж кој што ја водеше кампањата за Брегзит дека „тој им го покажал патот на излезот од тој голем затвор“. Нејзината економска политика е во склад со антиглобализацијата, а според нејзината реторика, воопшто не се разликува од Трамп и од Фараж.



Таа успеа да ја „дедемонизира“ партијата и да ја искачи на самиот врв, па дури и по цена на конфликт со нејзиниот татко кого буквално го избрка од партијата. Без оглед на тоа, кредиторите не сакаа да ја финансираат нејзината кампања и таа беше финансиски во нерамноправна положба со нејзините противници.

Таткото на Марин Ле Пен, Жан-Мари Ле Пен во 2002-ра година како лидер на Национален фронт исто така успеа да влезе во вториот круг, но во одлучувачкото гласање тој беше убедливо поразен од Жак Ширак. За разлика од тогаш, иако денес анкетите не и даваат шанси да стане претседател на Франција, сепак Марин и натаму е „трн во око“ на левицата и јасно е дека на 7-ми мај ќе се води голема борба за претседателското место.

No comments

Powered by Blogger.