Дали САД може да се одбрани од нуклеарен напад на Северна Кореја?

Пишува: Точка

Додека тензиите на Корејскиот полуостров растат, стравот од избивање на нуклеарна војна станува се поголем, па секако, стравот владее и во воено најмоќната држава на светот - САД.

Американските генерали со години тврдат дека Соединетите Американски Држави располагаат со моќни системи за против-воздушна одбрана со кои што би собориле било каква ракета која што Северна Кореја би ја лансирала кон американска територија, но независни научници и некои владини функционери го тврдат спротивното, пренесува "NBC News".

Воени аналитичари откриваат дека генералите при создавањето на одбранбениот против-ракетен систем во САД, вреден вртоглави 40 милијарди долари, ја занемариле неговата вистинска ефикасност.

Генералите веруваат дека одбранбениот систем "GMD" може да уништи балистичка ракета со нуклеарна боева глава која што би била лансирана од страна на Северна Кореја, или пак евентуално Иран.



„Ги лажат политичките лидери дека имаат воени способности кои што всушност ги немаат“, изјави физичарот Дејви Рајт од американската невладина организација "UCS". Сепак, портпаролот на Агенцијата за против-ракетна одбрана при Пентагон, Крис Џонсон изјави дека е „сигурен во нивната способност за одбрана на татковината од балистички ракети“.

Додека против-ракетниот систем имал бројни маани на почетокот, Џонсон додал дека „значително е подобрен во последните неколку години со цел армијата да се осигура дека системот е безбеден за делување“, додаде Џонсон.

Владината истражна агенција - Канцеларијата за ревизија, открила минатата година дека сепак, тестовите не докажале дека "GMD" има способност да ја одбрани американската територија од ракетен напад.

Од девет симулирани напади во 2004-та година, пресретнувачките ракети не успеале да погодат мета кај шест од нив, иако тестовите биле реалтивно полесни, во однос на тоа како што би изгледал еден реален ракетен напад, открива "LA Times".



Во мај од "UCS" објавија извештај на 47 страници во кој пристапот на САД кога станува збор за против-ракетната одбрана го нарекоа „катастрофален“, а за "GMD" напишаа: „Има лоши резултати на тестовите и нема докази дека може да сопре ракета во реални услови“.

Американските медиуми ја пренесуваат и изјавата на еден неименуван владин службеник кој што изјавил: „Ништо од тој систем не функционира. Ништо. Програмите за пресретнување не работат. Понекогаш ја погодуваат метата, но тоа сепак не е сигурно и не можеме да ризикуваме катастрофа ако промашиме“.

Сепак, мала е веројатноста дека одбранбените капацитети на земја како што е САД не функционираат целосно, а на крајот на краиштата, аналитичарите се согласни во тоа дека Северна Кореја и воопшто не располага со ракета која што има домет од нивната територија, да долета на територијата на САД. Барем не засега.

No comments

Powered by Blogger.