Биле гламурозен и омилен пар на целата нација, а денес се државен непријател број еден!

Пишува: Toчка

Ноќта помеѓу минатите четврток и петок во Каракас биле убиени 12 лица, со што бројот на жртви од почетокот на најновиот бран протести против режимот на претседателот Николас Мадуро, пораснал на 21. Лилијан Тинтори, сопруга на Леополд Лопез, кој веќе 3 години се наоѓа во затвор, станала симбол на отпорот против власта.

"На оваа страна не постои оружје, постои само волја за избори", изјавила таа на неодамна одржаниот марш на молкот во престолнината Каракас, посветен на жртвите на масовните протести против режимот на социјалистичкиот претседател.



Тоа е јасна порака за владата на Венецуела, која неодамна најавила дека дополнително ќе ги вооружи припадниците на милицијата лојални на владата.



За неколку дена Тинтори ќе наполни 39 години, а тоа ќе биде четвртиот роденден по ред кој спортистката и модел ќе го прослави без сопругот Леополд Лопез. Тој се наоѓа во затвор од февруари 2014. година, првиот голем бран на протести во Венецуела, и покрај жестокото противење на организациите за заштита на човекови права, како "Human Rights Watch" и "Amnesty International", но и католичките цркви, кои тврдат дека казната затвор од 14 години поради наводен бунт и поттикнување на насилство е политички мотивирана.

Лопез е еден од најпознатите претставници на опозицијата од редовите на граѓанско-конзервативните политичари, кои биле сменети од должност, или им била воведена забрана за вршење на професијата, или пак биле уапсени.



До пред неколку години, Лопез и Тинтори важеле за гламурозен пар во венецуелската политика - симпатичен, но пар кој не треба да се сфати многу сериозно. Таа е поранешна учесничка на популарното реално шоу "Robinson: La Gran Aventura", првак на државата во сурфање и девојка од насловните страни на неколку списанија, а тој згоден политичар од Каракас, кој е одликуван за борбата против корупцијата. Локална, но не и национална големина.



Биле миленици на припадниците на највисоките слоеви на општеството, а омразени меѓу чавистите, приврзаниците на лидерот на социјалистичката револуција, Уго Чавез, кој јавно ги прозивал, а Лопез го нарекол и пучист затоа што за време на немирите застанал на страната на противниците на владата.


Непосредно пред Лопез да им се предаде на властите, тогашниот претседател на парламентот, Диосдадо Кабељо им дал примамлива понуда, тврдат луѓето од таборот на Тинтори. Владата ќе им дозволи да емигрираат и нема да им го отежне заминувањето доколку одлучат да побегнат, наместо да одговараат пред судот.

Во исто време, Мадуро и Кабељо на своите ТВ емисии пред судењето јавно ги осудиле за дополнително да го зголемат притисокот над нив. Лопез и Тинтори сепак донеле поразлична одлука од таа која властите ја очекувале. Наместо убав живот во прогонство, во Мајами Бич, место по избор на многу богати Венецуелци, тие останале во земјата.



"Сакам да докажам колку е корумпирано судството во Венецуела", рекол Лопез, пред да им се предаде на властите пред илјадници приврзаници. Околу вратот носел голем дрвен крст, а сопругата го бакнала при разделбата. Таа фотографија и денес стои на нејзиниот профил на Твитер, каде Лопез и Тинтори заедно имаат 7 милиони приврзаници, а Мадуро двојно помалку.



Од тој ден во февруари 2014. година поранешната девојка од насловните страни е политичка активистка. Благодарение на тоа стекнала почит и меѓу оние кои долго не ја сакале и се потсмевале поради критичкиот став кон владата. Денес се ангажира во хуманитарни акции, дели намирници и лекови, што е многу ценет гест во државата која е економски пропадната, иако е најбогата со нафта во светот.



Чуварите во воениот затвор Рама Верде со уживање ја малтретираат кога оди во посета на својот сопруг. Тврди дека неодамна ја натерале да се соблече до гола кожа, додека еден од нив снимал со мобилен телефон.

Најважното барање на противниците на режимот е организирање на избори. Социјалистите, кои според анкетите бележат катастрофални загуби, очигледно сакаат да спречат уште еден пораз на општинско ниво, откако го изгубиле мнозинството во националното собрание.

No comments

Powered by Blogger.