Трагедијата во животот на Федерер за која не се зборува: Рожер трчал расплакан на улица поради човекот кој од него направил шампион!

Пишува; Точка

"Студениот Швајцарец" минал низ тешки моменти, и тоа во далечната 2002. година.

Рожер Федерер е феномен кој во тенисот повеќе никогаш нема да се повтори.

Човекот, на кој пред само една година му предвидувале крај на блескавата кариера, рекол "чекајте малку, не сум готов".

Го одморил своето тело и на совршен начин ја искористил исцрпеноста и лошиот почеток на сезоната за Новак Џоковиќ и Енди Мареј, за на сите да ни докаже дека навистина - не е готов.

Затоа на почетокот на 2017. година во својата ризница додал нова, рекордна 18. Грен слем титула на Австралиан Опен, за потоа лесно да освои два мастерса - Индијан Велс и Мајами.

Федерер од почетокот на својата кариера е олицетворение на професионализам, а за него нема да најдете таблоидни приказни, ниту ќе видите негови емотивни исповеди.

Но, и "Студениот Швајцарец" минувал низ тешки моменти.

Федерер немал многу тренери во кариерата, но исто како што Јелена Генчиќ имала големо влијание над Новак Џоковиќ, така за Рожер било важно името Питер Картер.

Кој бил Питер Картер

Покрај Северин Лути, негов тренер и пријател повеќе до 20 години, за Федерер Картер бил прва врска со тенисот. Го запознал кога имал 9 години, и го водел низ светот на овој спорт во текот на тинејџерските години.

Картер и самиот бил тренер, роден на југот на Австралија, а го тренирал Питер Смит, кој бил тренер на Лејтон Хјуит. Иако бил константно присутен на АТП листата, Картер не остварувал големи резултати, а кариерата ја завршил поради повредите.

Затоа се посветил на тренерската работа, и станал селектор на Дејвис куп репрезентацијата на Швајцарија, откако неколку години работел со голобрадиот Федерер.



Самиот Рожер на конференциите велел дека австралискиот карактер му е во ДНК. Во изјава од пред три години, 18-кратниот грен слем шампион го опишал Картер како човекот кој ја формирал неговата работна етика, по која денес светот го препознава.

"Пристапот на работа е многу важен за Австралијците. Мислам дека многу профитирав како млад тенисер, и Питер Картер беше многу важен во формирањето на мојот карактер", порачал Федерер, кој и самиот влијаел Австралиецот да му стане селектор во швајцарскиот Дејвис Куп тим.

Рожер го запознал Картер кога тренерот прифатил да работи во тенискиот клуб Базел.

Како дете, Федерер имал краток фитиљ и бил многу несигурен во своите способности. Тогаш настапил Картер, кој го обликувал под будното око на родителите Роберт и Линет.



Совршената соработка завршила - трагично

Сопругата на Картер, Силвија, инаку Швајцарка, долго се борела со ракот. И успеала да ја победи таа болест, па со својот сопруг сакала да прослави со романтично патување. Федерер им ја препорачал државата од каде потекнува неговата мајка - Јужна Африка.

Таа 2002. година, една седмица пред 21. роденден на Федерер, а 37. на Картер, Питер со сопругата тргнал на сафари по Националниот парк во Јоханесбург. Во текот на возењето, возачот морал да сврти за да избегне судир со комбе, па излетале од патот. Питер и возачот загинале на самото место, откако "Ленд Роверот" прелетал преку оградата на мостот и паднал во река.


Во тој момент Федерер играл турнир во Канада, а веста страшно го погодила, посебно бидејќи тој ја предложил дестинацијата. Според некои медиумски наводи, тенисерот трчал по улиците на Торонто "врискајќи и плачејќи", и бил целосно неутешен подолг временски период. На првиот меч во Дејвис Купот после тоа, носел маица со името на Картер на грбот.

Од трагичниот настан, родителите на Австралиецот добиваат покани да присуствуваат на Австралиан Опен. Од ложата оваа година го гледале Федерер како ја освојува таа рекордна титула, а нивниот син, толку важен за кариерата на Швајцарецот, не го дочекал ни неговиот прв грен слем трофеј.

"Питер Картер имаше најголемо влијание на мојата техника, за која луѓето толку зборуваат. Со години го усовршував тоа, но тој ги постави темелите и затоа сум пресреќен што неговите родители ме гледаа како ја освојувам титулата. Тоа многу ми значи", порачал Федерер во Мелбурн оваа година.

No comments

Powered by Blogger.