"Не смееме Русија да ја натераме во аголот" Изненадување: Најголемите светски сили одбиле нови санкции за Москва!

Пишува: Toчка

На состанокот на претставниците на земјите од групата G7 дошло до неочекуван пресврт: Кога сите мислеле дека за Русија се подготвува нов пакет санкции за поддршката на Башар Ал Асад, до договор за таков чекор не дошло.

Министрите за надворешни работи на земји G7 барале заеднички јазик по прашањето на односот на Русија кон Сирија и нејзиниот претседател, посебно по хемискиот напад кој го извршиле силите на сириската војска. Шефовите на дипломатиите се согласиле околу тоа дека нема решение за кризата додека е Асад на власт, но не се согласиле по прашањето за реакцијата на хемискиот напад, а како што пренесува BBC, дел од министрите за надворешни работи одбиле на Русија и Сирија да им се воведат нови санкции.



Новите санкции силно ги заговарал Борис Џонсон, британскиот шеф на дипломатијата, но на тоа се спротивставиле министрите за надворешни работи на Германија и Италија, наведува извор близок до британската влада. Истиот извор навел дека опцијата за санкции останува на масата, но дека денешниот резултат од состанокот претставува шлаканица за шефот на британската дипломатија.

На состанокот на крајот дошло до договор дека секоја одлука за потенцијални санкции ќе се одложува додека не се спроведе темелна истрага за минатонеделниот напад со хемиско оружје во провинцијата Идлиб, и додека не се пронајдат цврсти докази.



Италијанскиот шеф на дипломатијата, Анџелино Алфано, рекол дека состанокот на групата "G7" минал успешно.

"Русија не смее да биде натерана во аголот поради Сирија", рекол Афлано.

Сириската влада остро демантирала дека стои зад нападот во Идлиб, додека Русите потсетиле дека "сето хемиско оружје било уништено во 2014. година, а остатокот изнесен од земјата под надзор на САД".

Русија бесно реагирала по нападот на САД на сириската воена база Шарјат, нагласувајќи дека тоа е "пример за кршење на меѓународното прави и чист пример за агресија".



Еро пред состанокот: Ќе ѝ кажеме на Русија да престане со лицемерието

Групата "G7" ѝ порачува на Русија да престане со "лицемерието" во Сирија и да соработува со другите земји за ставање крај на граѓанската војна во таа земја, рекол денес министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Марк Еро.

"G7 многу јасно ќе ѝ порача на Русија дека ова лицемерие мора да престане. Таа мора вистински и искрено да се ангажира во политичкиот процес за да се извлечеме од ситуацијата во која се најдовме", им рекол Еро на новинарите.



Тој навел дека минатонеделниот американски напад на сириската воздухопловна база "отворил мал прозор од можности" за ставање крај на судирите.

"Прашањето за дополнителни санкции одвај е споменато на состаноците", рекол шефот на француската дипломатија.

Министрите на Турција, Саудиска Арабија, ОАЕ, Јордан и Катар допатувале на самитот само неколку часа пред американскиот државен секретар Рекс Тилерсон да тргне во првата посета на Москва.

No comments

Powered by Blogger.