Башар ал Асад и Ким Јонг Ун: Приказната за пријателството на двајцата диктатори

ПИШУВА: ТОЧКА

Новинарите од CNN Захра Ула и Иван Вотсон во неодамнешна статија ги споредиле владетелите на земјите кои моментално се во затегнати односи со остатокот од светот.

Во продолжение ви пренесуваме делови од нивната статија.

Администрацијата на Трамп во првите 100 дена се најде во конфликт со двајца диктатори: со сирискиот Башар ал Асад и севернокорејскиот Ким Јонг Ун. Тие двајца владеат на спротивни делови од светот, но начинот на владеење им е зачудувачки сличен.

Семејна професија

Тие владеат со земји со слични големини и сличен број на жители. И двајцата ја наследиле позицијата од своите татковци, а нивните династии се познати по владеењето со помош на страв и репресија.

Хафез ал Асад дошол на власт во 1970 година после пуч, а владеел со Сирија 29 години. Првиот син му загинал во автомобилска несреќа, па за наследник го подготвувал вториот син Башар. Башар ал Асад ја превзел власта во 2000 година, по смртта на неговиот татко.



Севернокорејската династија е малку постара. Ким Ил Сунг, дедото на династијата познат и како „вечен претседател“, станал премиер на НР Кореја во 1948 година со руска помош.

По смртта во 1994 го наследил синот Ким Јонг Ил, а потоа на чело на државата која негува култ на личноста, дошол неговиот најмлад син и сегашен диктатор – Ким Јонг Ун.

Додека Северна Кореја се сметаше за отпадничка држава, Сирија негуваше дипломатски и политички односи со Западот. Но, тоа се промени со почетокот на војната пред повеќе од шест години, а Сирија и Северна Кореја останаа во пријателски односи.

Пријателски односи помеѓу двете земји

Хафез ал Асад се сретнал со Ким Ил Сунг во 1970-тите години и тие создале воени врски, бидејќи двете земји се подложни на Русија и се поврзани со неа.

Едната држава на другата и` испраќа пораки за поддршка и со години постои сомнеж дека соработуваат. Во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, постои сириска амбасада, а се претпоставува и дека Северна Кореја и` набавува оружје на Сирија.

Порано овој месец, по сирискиот напад со хемиско оружје, Ким Јонг Ун испратил честитка за годишнината од основањето на сириската владејачка партија и за односот кон непријателите, а на 20-ти април Асад му се заблагодарил.

Пред две години во Сирија бил отворен парк наречен по Ким Јонг Ун, а на отварањето го нарекле „историски владетел и лидер“.



Моќни спонзори

Освен тоа што зависат една од друга, и двете земји зависат од спонзорството на големите земји. Русија и` испраќа на Сирија оружје и војска, а 90 отсто од меѓународната трговија во Северна Кореја зависи од Кина.

САД е заеднички непријател на двете земји, а експертите напоменуваат дека тие две земји би можеле да се зближат уште повеќе поради сопствената изолација.



Притисокот на САД

Двете отуѓени земји за брзо време се најдоа на мета на американскиот претседател Доналд Трамп.

Неговата администрација настојува да го запре сириското користење на хемиско оружје и севернокорејското нуклеарно вооружување, така што ги наговара Кина и Русија да престанат да ги поддржуваат овие земји.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, неодамна се закани дека Северна Кореја нема да помине добро ако продолжи да ги предизвикува Соединетите Американски Држави. Но, и Сирија и Северна Кореја продолжуваат да им пркосат. Ким Јонг Ун се заканува со нуклеарни напади, а Башар Ал Асад ги негира нападите со хемиско оружје, заклучуваат Ула и Вотсон.

No comments

Powered by Blogger.