Во центарот на Скопје куче убиено со секира

Во близина на кафулето „Радио Бар“ во Дебар Маало, еден од жителите на населбата излегол надвор и му зарил секира во глава на куче кое што лежело на тротоарот. Кучето долго време испуштало душа пред многубројните посетители во кафулето. На објавените снимки на социјалните мрежи се гледа како сведоците реагираат, а убиецот на кучето одговара дека кучето „јадело луѓе“. 


Соседите и посетителите на кафулето вознемирено му приоѓаат на човекот кој го уби маалскиот миленик

Посетителите на кафулето се уште се во шок и подготвуваат пријава против сторителот за претрпен страв против човекот кој и другпат се заканувал дека ќе ги убие уличните кучиња.

„И другпат се заканувал, зашто кучињата му лаеле, но не очекувавме дека ова ќе се случи. Се случи во дел од секунда, излезе надвор со секирата, и додека кучето спиеше му ја зари во главата. Во шок сме, жените почнаа да врискаат, му пријдовме, но тој мртов ладен ни викаше дека кучињата му пречеле“, велат за БИРН сведоци на настанот.

Локалните жители го знаат маалското милениче – се викало Идриз, бил мирен и редовно вакциниран, а му се барал и постојан дом.

Повикана е полиција, која дошла на лице место, а според последните сознанија, сторителот кој живее во близина на кафулето, сам се предал на полицијата и земена му е изјава. Во моментов повеќе револтирани граѓани и сведоци на настанот се собрани пред неговиот дом.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски на социјалните мрежи најави дека против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава.



Според Кривичниот законик, „тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци“.

No comments

Powered by Blogger.