Тајните кои казината никако не сакаат да ги дознаете: Таму ништо не е случајно...

Пишува: Toчка

Казината изгледаат како оази на рефлектори во инаку монотоните урбани средини, а за тоа имаат одлична причина. На сите казина целта им е да го привлечат вашето внимание за токму кај нив да ги оставите вашите тешко заработени пари.

Како што пишува порталот Grunge, во Лас Вегас доминираат две малку спротивставени струи. Класичната мудрост вели дека се` им е подредено на апаратите на игри на среќа, а нив ги измислил поранешниот зависник од коцкање Давид Фридман. Од друга страна, Роџер Томас смислил вистинско игралиште каде што просториите се отворени, осветлени и луксузни. „Луѓето не сакаат да се коцкаат ако се чувствуваат затворено или збунето. Но, луѓето ги превземаат карактеристиките на просторијата во која се наоѓаат. Тие се чувствуваат гламурозно во гламурозна просторија, богато во богата просторија“, рекол Томас за „New Yorker”.



Меѓутоа, не се само просториите прецизно осмислени. Во едно истражување на британскиот психолог Марк Грифитс, било забележано дека луѓето побрзо играле рулет ако им била пуштена побрза музика.

Истражувањето на Алан Хирш од Чикаго покажало дека пуштањето на пријатен мирис го зголемува бројот на игри на апаратите за среќа и до 50 отсто. Хирш претпоставува дека тоа било затоа што мирисот предизвикал некое сексуално возбудување кај посетителите на казиното. Бесплатните работи во казината никогаш не се бесплатни. Некои коцкарници ги привлекуваат играчите така што нудат разни бенефиции, како што е бесплатно отседување во хотел, влезници за концерти или пакети за масажа. Меѓутоа, сето тоа зависи од сумата на пари која сте ја оставиле во казиното. За минимален влог ќе добиете една бесплатна игра, но најголемите коцкари ќе добијат и сопствен домаќин кој ќе внимава да им се исполнат сите желби.



Покерот е игра на надмудрување и ако седнете на маса каде што играчите меѓусебно се познаваат или го познаваат крупието, бегајте. Тоа значи дека сте седнале на масата на редовни играчи или домаќини кои само чекаат некој нов за да му ги земат парите.

Навистина, повеќето професионални играчи имаат посебни маси, но не сакате лесно да ги ризикувате вашите пари. Седнете на маса каде што луѓето им се радуваат на добивките. Статистиката вели дека шансите за добивање пари не ви се ништо поголеми, но барем ќе ви биде забавно додека ги губите парите.

Коцкарниците користат уште еден психолошки трик за да ви ги земат парите. Практично никаде не можете да ставите банкноти на масата и така да вложувате пари во играта. Се` се плаќа со жетони, а истражувањата покажале дека луѓето не ги доживуваат жетоните подеднакво вредно како реалните пари. Поради тоа играчите ставаат поголеми влогови на поризични облози и често губат големи суми на пари.



Ако сте го гледале филмот „Ocean’s 11“ и сте помислиле дека токму вие би можеле да организирате нешто слично, размислете повторно. Само во Невада казината заработиле 24 милијарди долари во 2015 година и тие многу добро ги чуваат тие пари. Казината редовно користат и до 2.000 камери со кои го прекриваат секој агол, а особено масите. Имаат толку многу камери, што дури можат да видат кои карти ги држите во рацете. Најголемите коцкарници користат и алати за препознавање на лица. Така сакаат да спречат влегување на малолетници или на луѓе на кои им е забрането коцкање.

Дали некогаш сте се запрашале зошто наједноставните апарати се најблиску до влезовите? Затоа што е речиси сигурно дека играчите ќе изгубат значителни суми на пари на нив.



Експертот за коцкање Ентони Куртис, вели дека казината имаат правило: „Колку е играта поедноставна, толку повеќе ќе ве чини. Да притискате копче или да повлекувате рачка е многу едноставно. Да се научат правилата за некоја игра на маса е многу потешко и таму полесно ќе заработите пари“. Апаратите се популарни затоа што тоа што „за малку ќе добиевте“ најлесно носи пари. Секој пат кога ќе ја повлечете рачката на апаратот и тој ќе ви покаже два исти симболи, многу се поголеми шансите дека повторно ќе ставите пари и повторно ќе си ја пробате среќата.

No comments

Powered by Blogger.