Анкара го тестира трпението на НАТО: Дали Ердоган навистина планира да го купи рускиот С-400 Триумф?

Пишува: Точка

Фактот дека една земја членка на НАТО Алијансата ќе купи руска воена опрема, ќе донесе длабоки политички и стратешки последици.

После состанокот на Ердоган и Путин на 10-ти март во Москва, се појавија информации дека Турција размислува да го купи рускиот систем за против-воздушна одбрана С-400. Директорот на руски Ростек, Сергеј Чемезов четири дена после состанокот на двајцата претседатели, изјави дека Турците се интересирале за С-400 Триумф, но се уште не бил постигнат договор.

Партијата на Ердоган не е првата која што во Турција ја промовираше идејата за формирање на независен турски систем за против-воздушна одбрана. Анкара уште од крајот на Првата заливска војна размислуваше за набавка на американски „Патриот“. Во меѓувреме, турската ПВО одбрана е сосема застарена и не може да одговори на соодветните закани на модерните авиони и балистички ракети.



Соочени со изненадувачки брзиот развој на иранските одбранбени сили, турските власти веќе сериозно размислуваат за формирање на моќен ПВО. Имаше најави и за развој на сопствен ПВО систем, понуди од Кина и слично, но факт е дека Турците се уште немаат донесено конечна одлука.

Кога станува збор за С-400 Триумф, за разлика од купувачите како што се Кина и Индија, кај Турција е посложена ситуацијата поради можната некомпатибилност на рускито систем со НАТО опремата. Сепак, и на ова прашање Анкара има подготвен одговор - Ердоган неодамна порача дека Грција, иако е членка на НАТО, користи руски ракети.

Сепак, прашањето на техничката компатибилност лесно може да се реши и тоа е секундарно. Основното прашање е зошто Турците воопшто најпрвин се свртија кон Кина, а сега кон Русија. Дали станува збор за тактички маневар со цел западните сојузници да им понудат подобар договор, или станува збор за сериозен стратешки пресврт?



Ниту Русите не се убедени во искреноста на Ердоган, кој многу лесно може на овој начин да го уценува Западот. Некои аналитичари сметаат дека „приказните“ за набавка на С-400 Триумф се тука само за да ги затоплат односите помеѓу Москва и Анкара. На Русите дефинитивно им одговара продажбата на С-400, затоа што не само што ќе заработат премногу, туку и ќе го рекламираат својот ПВО систем.

Сепак, на крајот останува прашањето како ќе реагира НАТО Алијансата? Дали со евентуалното купување на С-400 Турција ќе ризикува влошување на односите со Алијансата и дали Ердоган е подготвен да се носи со последиците од својата одлука?

No comments

Powered by Blogger.