Груевски за Заев: „Ако сакаа да го убијат, ќе го убиеја“

Пишува: Точка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма рече дека доколку вчера при упадот во Собранието некој сакал да го убие претседателот на СДСМ, Зоран Заев, можел да го убие со што ја негираше неговата изјава дека во Парламентот имало обид за убиство.

„Ова е обид за убиство со план и добра умисла“, изјави лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција од партиското седиште, мислејќи на вчерашното насилно однесување на демонстрантите кои упаднаа во Собранието и кои ги нападнаа пратениците од парламентарното мнозинство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма ги негираше ваквите тврдења од Заев велејќи дека ако некој сакал да го убие, ќе го направел тоа. „Сто души имаше на пет метри од него, ако сакаа да го убијат ќе извадеа пиштол и ќе го убиеја. Јас сум против насилство, но апсурдна е изјавата на Заев, ако во салата имате сто луѓе и ако дошле со таква умисла, тие можеа да го убијат“, рече Груевски.

Тој кажа дека минатата вечер му се јавил на Митко Чавков од Виена за да го праша што се случува, но немаше одговор за тоа како тој успеал да го добие Чавков, а министерот за внатрешни работи Нухиу цела вечер не можел да го добие на телефон.

Исто така, Груевски изрази жалење за пратениците кои беа нападнати вчера во Собранието за време на нередите, но и за граѓаните кои според него во голем број се жалеле што воопшто имало интервенција на полицијата.

No comments

Powered by Blogger.