На денешен ден започна опсадата на Сараево: 1,425 дена ужас, над 11 илјади загинати, меѓу кои 1,600 деца

Пишува: Точка

Откако во ноќта помеѓу 4-ти и 5-ти април 1992-ра година во тамошниот меѓународен аеродром, а потоа и во населбата Грбавица осамнаа барикади, на денешен ден започна и опсадата на Сараево.

Беше тоа најголгата опсада на некој град после Втората светска војна и траеше три пати подолго од нацистичката опсада над Сталинград. Во текот на 1,425-те дена опсада од страна на тогашната Југословенска народна армија, а потоа и Војската на Република Српска, во Сараево загинаа точно 11,541 лице, меѓу кои и 1,600 деца. Над 50 илјади луѓе беа ранети.

Се проценува дека од 120 минофрлачи и 250 тенкови кои што од ЈНА ги превзела војската на Република Српска под команда на генералот Ратко Младиќ, во градот дневно во просек експлодирале по 329 гранати, а најмногу напади биле забележани на 22-ри јули кога во градот експлодирале, верувале или не, 3777 гранати.

Најголемиот дел од опсадата, граѓаните на Сараево го минале преживувајќи без вода, електрична енергија, а едвај се снабдувале и со храна.



На денешен ден во 1992-ра година, во центарот на градот беше одржан марш за мир, а за време на маршот, припадниците на Српската демократска партија на чие што чело беше Радован Караџиќ, пукале кон насобраната толпа од покривот на хотелот „Холидеј Ин“.

Снајперистите пукале кон толпата, при што на мостот Врбањ загинале студентката по медицина Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ, мајка на две деца. Тоа беа првите две жртви на опсадата во Сараево, а мостот на кој што беа убиени, денес го носи нивното име.

20 илјади Срби држат во заложништво половина милионски град

Дека Србите кои што живееле во населбите во околината на Сараево со помош на ЈНА ќе го нападнат градот, било најавено со пресретнатиот телефонски разговор на Радован Караџиќ уште во октомври 1991-ва година. Караџиќ тогаш рекол: „Мора да знаат дека околу Сараево има 20 илјади вооружени Срби, па тоа не е нормално, тие ќе исчезнат. Во Сараево ќе изгинат 300 илјади муслимани, тие не се нормални“.



Иако Армијата на БиХ која што го бранела градот била побројна со околу 25 илјади борци, Србите сепак се покажале како помоќен противник со своите, според некои проценки 18 илјади борци. Предводени од искусните генерали, Србите за брзо време зазеле стратешки места на околните брда и со тоа го чувале градот во обрач.

Крвавата опсада на Босанската престолнина траела 44 месеци, се до 29-ти март 1996-та година, три месеци после потпишувањето на мировниот договор во Дејтон.



Светот тогаш го обиколија многубројните снимки и фотографии од ужасните масакри, разнесени и запалени згради. Улиците на Сарево биле преполни со барикади со чија што помош граѓаните на Сараево се криеле од снајперски оган.

Само една граната која што паднала на пазарот во Маркала на 5-ти февруари 1994-та година усмртила 68 лица, а над 140 лица тешко биле повредени. Последните жртви на опсадата биле убиени на 9-ти јануари 1996-та година кога проектил лансиран од Грбавица погодил трамвај, при што една жена загинала, а 19 биле повредени.



No comments

Powered by Blogger.