10 причини поради кои Шпанија се` уште е број еден туристичка дестинација

Пишува: Точка

Барселона, Мадрид, Андалузија, Баскија... Буквално до утре би можеле да набројуваме шпански градови и региони кои би требало да ги посетите барем еднаш во животот. Но, оваа држава нуди многу повеќе: природни убавини, крајбрежја, знаменитости, историја во секој агол од земјата: сето тоа е Шпанија. Во продолжение ви одвоивме барем 10 причини зошто земјата на југозападот од Европа се` уште е најпосакувана туристичка дестинација.

1. Постојано грее сонце

Во Шпанија ретко врне дожд, а оваа земја е една од најсончевите во светот. Тоа особено се однесува на градовите и летувалиштата на Медитеранот, каде што можете да уживате во сончевото време 300 дена во годината. Значи, тука сончевите зраци често се пробиваат дури и во зима...



2. Чудесни градови

Мадрид, Барселона, Валенсија, Севилја, Малага, Билбао... Земјата е преполна со градови кои треба да се посетат барем еднаш во животот. Секој од нив нуди голема култура, но и забава. Гастрономските задоволства се загарантирани, па без разлика кој град ќе одлучите да го посетите, нема да ви биде здодевно.



3. Историјата на Маврите

Да не заборавиме уште еден град: Гранада. Таму е сместена славната мавританска палата Алхамбра, која денес поради своето значење и убавина е една од најпосетените шпански знаменитости. Секако, се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, а ако планирате да ја посетите, ви препорачуваме картите да ги купите однапред преку интернет.



4. Културни џинови

Дали воопшто треба да ги набројуваме уметниците кои ни ги дала Шпанија? Музејот на Салвадор Дали во неговиот роден град Фигуерас е место кое мора да го посетите, а ако го сакате Пикасо, во неговата родна Малага ќе најдете музеј со повеќе од 300 негови дела. Од друга страна, љубителите на архитектурата ќе му се „поклонат“ на Гауди, чија (се` уште) недовршена катедрала Саграда Фамилија е еден од симболите на земјата.



5. Прекрасна природа

Провинциите Астурија и Кантабрија нудат совршени планини од кои многу брзо ќе се спуштите на уште посовршени плажи. Така, на пример, по дишењето на свеж воздух, веќе за половина час ќе бидете на песочна плажа и ќе пливате во морските пространства.


6. Фантастична храна

Уште една работа по која се познати Шпанците е гастрономијата. На пример, во Баскија се наоѓаат голем број на ресторани со Мишелинови ѕвезди, но каде и да појдете секогаш ќе можете да изедете неколку фини тапаси. Исто така, тука се произведуваат и одлични шунки, а и сирењето е добро. А, што да кажеме за виното...



7. Музејот Гугенхајм

Да се вратиме уште малку на културната понуда, но и на архитектонските убавини. Музејот кој го дизајнирал Франк Гери се наоѓа во Билбао и е еден од најдобрите во светот. Постојаната колекција ќе ве воодушеви, а плус е тоа што тука непрестано се одржуваат и нови атрактивни изложби.



8. Островски туризам

Ги сакате Канарските или Балеарските Острови? Ако сакате да уживате во сонцето и морето можете да се упатите во Тенерифе или Гран Канарија, а ако сакате бурен ноќен живот, Ибица отсекогаш е позната како дестинација за незаборавни забави.



9. Разни фестивали

Да, буквално разни. Така, во Барселона можете да уживате на познатите музички фестивали како што се Сонар и Примавера, можете да појдете на фестивалот Томатина и да се гаѓате со домати, а можете да појдете и во Памплона и да трчате по улиците со бикови.



10. Уживајте во возењата на две тркала

Сите љубители на велосипеди кои биле на Мајорка тврдат дека тоа е најдоброто место во светот за возење на велосипед. Теренот е доволно разновиден за да ги задоволи оние кои сакаат уличен, но и оние кои уживаат во планински велосипедизам.

No comments

Powered by Blogger.