Заев ја објави новата владина програма, ја објасни употребата на јазиците, нема двојазични банкноти и двојазични униформи


Лидерот на СДСМ, денеска, на јавно обраќање ја објави новата владина програма, без да го добие официјално мандатот од Претседателот Ѓорге Иванов, по предвремените парламентарни избори на 11 декември лани.
Во програмата, која ја најави како програма која ќе донесе подобар живот за македонските граѓани, Заев објасни и како ќе се овозможи унапредување на употребата на јазиците во Македонија, прашање што силно ја разбранува јавноста во државата изминатиов период, кога се стравуваше од тоа дека албанскиот јазик ќе стане втор официјален јазик и државата ќе стане бинационална.

„Ако некој граѓанин има право да го зборува својот мајчин јазик, тоа не значи дека некој друг губи. Напротив, добива Македонија“, рече Заев.

Тој појасни дека граѓаните Албанци во Македонија ќе можат во институците да се обраќаат и да поднесуваат барања на својот мајчин јазик.

Заев рече дека не само Албанците туку и другите малцинства во земјата, Срби, Бошњаци, Роми, Власи, ако се 20 отсто во општината каде живеат ќе можат да се обратат до институциите на својот мајчин јазик.

Тој рече дека е лага дека сите во училиштата ќе мора да го учат албанскиот јазик. Потенцира дека Уставот на никој начин нема да биде погазен со овозможувањето на употреба на јазиците во Македонија.



Заев: Парите и униформите остануваат на македонски јазик

Парите и униформите на полицијата и војската, се употребуваат на целата територија на Македонија и е спротивно на Уставот да се додава втор јазик на нив, појасни лидерот на СДСМ, по јавното обраќање на кое ја објави новата владина програма.

Тој воедно го повика Претседателот Иванов да констатира дека СДСМ има владина програма.

Рече дека следната недела ќе седнат со партиите кои му ги дадоа потписите нему, да се договорат за свикување Собрание и избор на претседател на Собранието.

Заев порача дека сега нема повеќе платформи, туку единствена владина програма.

No comments

Powered by Blogger.