Најстрашното злосторство во Холивуд: Била една од најголемите ѕвезди, а брутално убиена пред пораѓањето

Пишува; Точка

Од сите трагедии кои го потресле Холивуд, веројатно најбизарна и најсурова е онаа која се случила на лето во 1969. година во предградието на Лос Анџелес, кога актерката Шерон Тејт, која била во осмиот месец од бременоста, и уште четири гости во нејзиниот дом, биле брутално убиени без никаков повод. За ова страшно убиство бил одговорен озлогласениот Чарлс Менсон.

Шерон Тејт е родена во Тексас во 1943. година. Нејзиниот татко бил воено лице, па семејството често се селело. Додека живееле во Италија, Шерон победила на неколку натпревари за убавина. Почнала да добива епизодни улоги во филмови кои се снимале во Италија. Кога нејзиниот татко бил прекомандуван во Калифорнија во 1962. година, и се отворила вратата на Холивуд.



Во текот на едно снимање во Англија, го запознала полскиот режисер Роман Полански, кој потоа ѝ ја понудил главната женска улога во филмот "The Fearless Vampire Killers". Пред да заврши филмот, двајцата започнале врска, се венчале и почнале да живеат заедно во Санта Моника.



Додека Шерон го освојувала Холивуд, Чарлс Менсон собирал банда отпадници, со кои пристигнал во Лос Анџелес и се населил на еден ранч.



Вечерта на 8. август 1969. година, Шерон била во поодмината бременост и чекала нејзиниот сопруг да се врати од Европа. Била на вечера во својот омилен ресторан, со пријателите Џеј Себринг, фризер на познатите, Војтек Фриковски и Ебигејл Фолгер. Потоа се вратиле во нејзиниот дом во 11:30 часот навечер.



Наредното утро, чистачката во домот затекнала страшна глетка. Во текот на ноќта, четворица следбеници на Менсон, Чарлс Вотсон, Сузан Аткинс, Патриша Кренвинкел и Линда Касабијан, дошле во имотот на Шерон, ја прескокнале капијата, ги пресекле телефонските жици и безбедносниот систем. Најпрво налетале на Стив Парент, пријател на домашната помошничка, кој излегувал од имотот со својот автомобил. Го забоделе четири пати и го застрелале во лице. Потоа влегле во куќата и ги застрелале сите кои биле внатре.



Шерон и нејзиното неродено дете, кое требало да се вика Пол Ричард, биле погребани во Калифорнија. Таа имала само 26 години.



Менсон и членовите на неговиот култ извршиле вкупно девет страшни убиства на четири локации во текот на пет седмици кон средината на 1969. година. Две години подоцна, Менсон бил осуден за убиство на седум луѓе, кои по негови инструкции ги извршиле неговите следбеници. Првобитно му била изречена смртна казна, за потоа да биде сменета во доживотна затворска казна, која и натаму ја служи во затворот во Калифорнија.

No comments

Powered by Blogger.